Автобусите на „Мак-експрес“ се подготвуваат за електронска наплата
Во продажба ќе бидат пуштени 6.000 електронски картички, а едно возење со нив ќе чини 21 денар
Снежана Калабакова
Превозниците од приватното претпријатие „Мак-експрес“ почнаа да ги поставуваат електронските апарати во возилата и од 15 август и кај нив ќе профункционира безготовинската наплата. Хрватската фирма што ја избраа на тендер, досега има поставено дваесетина валидатори. Целосно, со десет апарати, е опремена линијата број „52“ и десет се монтирани на број „19“. Со вакви апарати ќе се опремат и автобусите на линиите број „22“, „23“, „45“ и две возила на линијата број „12“.
Од претпријатието велат дека е во тек таканареченото снимање на автобуските станици, што, всушност, ќе претставува подесување на апаратите, односно ставање во функција на системот ГПРС, кој ќе овозможи следење на возилата. На тој начин под контрола ќе се стават и возачите, кои не ги реализираат налозите од трета смена, односно се исклучуваат од линиите по сопствена волја. Aпаратите на „Мак-експрес“ се разликуваат од оние на приватниците од „Слобода превоз“, а двете претпријатија се' уште немаат договор за интерконекција во системот. Засега ќе функционираат со различни системи и картички, а во овој систем на безготовинска наплата се' уште не се вклопува ЈСП „Скопје“.
Од „Мак-експрес“ велат дека 6.000 електронски картички веќе се изготвени и тие ќе се продаваат во нивните автобуси, каде што ќе се врши и нивното дополнување. Според одговорните во претпријатието, нивната цена се' уште не е дефинирана, но најверојатно само картичката ќе чини околу 100 денари. Едно возење со ваква картичка ќе чини 21 денар. Патниците ќе можат своите картички да ги дополнат најмалку за 50 денари или најмногу за 500 денари, односно со двојно отчукување и за сума од 1.000 денари. Од „Мак-експрес“ најавуваат и посебни електронски картички за учениците и студентите.
„Електронските картички се подготвени и постои можност со нивна продажба да се почне пред 15 август. Патниците ќе можат картичките да ги купуваат во автобусите наместо во трафиките, а, исто така, ќе се дополнуваат и во нашите возила. Ученичките и студентските електронски картички ќе се разликуваат и на нив корисниците ќе имаат своја фотографија. Ќе чинат 900 денари, односно учениците и студентите ќе имаат 60 возења месечно, што значи дека за нив едно возење ќе биде 15 денари“, вели Војо Велевски, еден од основачите на „Мак-експрес“.
Во претпријатието тврдат дека со тоа што и кај нив ќе стартува електронската наплата ќе се прекине практиката на нивните возачи самоволно да се повлекуваат од линиите. Третата смена на трасите на кои сообраќаат нивните возила ќе завршува во 23,15 часот. Претпријатието располага со стотина автобуси.
|