Филмските ѕвезди и супермодели луди по диетата на д-р Дукан
Угледниот француски нутриционист го има рецептот за трајна витост - со помош на протеини до саканата тежина
Дали некогаш сте се запрашале зошто повеќето француски жени без многу напор изгледаат толку шик и вити, без оглед на нивните години?
Одговорот лежи во нивната исхрана. Тајната не е во маслиновото масло или во црвеното вино што се карактеристика на популарната Медитеранска диета, туку во специјалниот начин на слабеење на д-р Дукан што ги освојува по Франција и останатите земји во светот, а моментално е хит и во Британија, пишува „Дејли мејл“.
Французите ја држеа диетата како тајна со години. Кога угледниот француски нутриционист д-р Пјер Дукан ја претстави својата диета „Дукан“ пред десет години во книгата „Не знам како да ослабам“, таа веднаш се искачи во врвот на француските бестселери.
Денеска, повеќе од 1,5 милион жени во Франција се колнат во драматичните и долготрајни резултати на слабеењето по оваа програма.
Политичари, филмски ѕвезди и супермодели, вклучувајќи ги и Жизел Бундхен и Џенифер Лопез, живеат според Дукан, сите од нив заведени од ветувањето за исполнување на сонот на секој што е на диета - константна линија и трајна витост додека го јадат она што го сакаат.
Големата тајна на Французинките сега го обиколува светот. Диетата „Дукан“, за разлика од многу други диети што доаѓаат и си одат, е дизајнирана да влезе во главата на тој што ја практикува. Таа ветува значителна загуба на килограми додека се јадат неограничени порции на омилена храна.
Популарната диета во суштина се состои од четири различни програми што произлегуваат една од друга. Почнува со драматична загуба на килограми и води кон структуриран, но долгорочен режим на исхрана кој никогаш не ги враќа килограмите што сте ги изгубиле. Клучниот елемент што ги поврзува четирите фази се деновите во кои се јадат само протеини. Можеби звучи слично како и Аткинсовата, но диетата „Дукан“ е многу поразлична.
Протеинските денови имаат есенцијално значење врз секоја фаза од диетата. Д-р Дукан вели дека ја добил идејата за протеини кога еден негов пријател го замолил за совет во врска со исхраната, велејќи дека би направил се' само да не мора да се откаже од месото. „Му реков да јаде само протеини и да пие само вода цели пет дена. Кога дојде повторно кај мене да се измери, останавме запрепастени од резултатот, имаше изгубено 4,5 кг“, вели д-р Дукан.
Докторот бил восхитен од ефектот што го имале протеините врз неговиот пријател, па наместо да студира неврологија, се запишал на нутриционизам и ги потрошил наредните 35 години за проучувања во оваа област и доведување до совршенство на елементите во неговата диета. „Со текот на годините ми стана јасно дека броењето калории не дава резултат, а мозокот на оние што се на диета не работат на тој принцип“, вели Дукан. „Броењето калории поставува квоти, дози и порции, но з��борава дека луѓето што треба да го прават се од месо и крв, имаат емоции и инстинкти. Да, оние најмотивираните можеби ќе успеат да изгубат неколку килограми, но сите, или барем најмногу од нив, повторно ги враќаат назад“, вели докторот.
Многу диети ќе ви помогнат да ослабете, но што потоа? „Не можев да ја поднесам идејата да се биде на диета цел живот. Тоа е невозможно зашто јадењето нуди преголемо задоволство!“
Наместо тоа, Дукан излезе со иновативни фази на диета кои постепено водат кон основните елементи на здравата исхрана. Ако го следите планот, а вашата нова тежина се стабилизира, диетата на Дукан ве враќа кон нормалниот живот, нецензурирано јадење, но под еден услов - мора да се согласите на барем еден протеински ден (докторот советува тоа да биде четврток), секоја недела до крајот на животот. Тоа лежи во срцето на француската тајна за витост. Французите уживаат во благодатите на својата кујна, но имаат протеински ден.
„Ако се држите до планот за еден ден поминат на протеини, може да изгубите и до еден кг“, вели д-р Дукан. Идејата за протеински четврток во Франција е масовно прифатена, па така доколку се најдете во ресторан во овој ден, лесно може да забележите дека повеќето од гостите инсистираат на порции со риба или месо, но без зеленчук или салата.
Диетата „Дукан“ започнува со „напад“ фаза во која се јадат само протеини - месо, риба, јајца и немасни млечни производи. Ова води до драматична загуба на килограми, а бидејќи е екстремно ефикасна првата фаза на диетата, дава очигледни и итни резултати – многу луѓе може да очекуваат загуба околу 3 кг во првите пет дена.
Краткорочно, диетата богата со протеини ќе го исцеди вишокот вода од ткивата, како и постојаниот апетит, ќе го одржи тонусот на мускулите и на кожата ќе и' даде сјај.
Во протеините има релативно малку калории (во однос на мастите и јаглеродните хидрати), а нивната сложена структура значи дека се напорна работа за телото за варење, па на тој начин слабеењето е брзо и неизбежно.
По првата фаза, која трае од еден до десет дена и е само со протеини, се продолжува кон т.н. крстосување фаза. Вклучувате денови со нелимитиран зеленчук, избор на месо, риба и немасни млечни производи. Може да започнете оброк со салата или супа, па да преминете на оброк со месо или риба со зеленчук. Кога ќе ја достигнете саканата телесна тежина, стартува фазата на консолидација со постепено пуштање на ограничувањата во исхраната и воведување овошје, леб, сирење и тестенини. Дури сте охрабрени и да консумирате два тотално олабавени оброка во неделата (со пијалак, маргарин, леб, чоколадо...) Разбирливо, во оваа фаза не се очекува да изгубите килограми ниту, пак, да додадете нови. Консолидацијата е направена со цел да ве одврати од идејата да се вратите на старите навики за јадење и да го навикнете телото на новата линија.
Кога времето за консолидација истекува и вашата тежина е стабилизирана, вие сте слободни да го живеете остатокот од животот, да јадете и да пиете што сакате, без вина и ограничувања, но да се придржувате до едно единствено Дукан-правило - во четврток само протеини. Засекогаш.
Дневно протеинско мени
Појадок: кафе или чај со обезмастено млеко, две мали чаши обезмастен јогурт; или 200 г обезмастено сирење и едно парче месо од мисирка, пиле или нискомасна шунка; или едно варено јајце
Ужинка: една мала чаша нискомастен јогурт; или 100 г обезмастено сирење
Ручек: стапчиња од рак, пилешки копан, филети од лосос
Ужинка: една мала чаша нискомастен јогурт; парче месо од мисирка
ВеЧера: варено говедско, палачинка од овесни трици |