ФЕЉТОН
Драмата на Егејците (5)
Полска ги прифати бегалците со срце
Виктор Цветаноски
Чудните дојденци беа облечени полуцивилно, полувојнички, имаа капи слични на американските. Беа валкани, обраснати, запуштени и тажни. Ништо не зборуваа. Оставаа впечаток на вчудовидени и несигурни. Со љубопитство ги гледаа војниците што стоеја на брегот, некои ги допираа нивните воени ознаки. Тешко ранетите само провизорно беа преврзани со валкани, окрвавени завои и крпи. Под нив се гледаа загноените рани. Изгледа дека на бродот немало средства за преврски, а рацете на тие што вршеа преврски не биле баш учени. Некои нозе и раце беа ужасно деформирани. Не сакајќи да го искажат тоа, војниците крадешкум погледнуваа и само со гестови даваа на знаење дека сочувствуваат со дојденците“. Ова се зборовите на Владислав Барчиковски, кој ќе го опише пристигнувањето на ранетите партизани кои по поразот во Граѓанската војна пристигнале со брод во Полска. Неколку ранети со ампутирани нозе биле пренесени на раце во возилата што ги чекале. Еден од нив плачел. Не од болка, туку од возбуда што толку мајчински се однесуваат спрема него. Некои од нив, за да ја изразат својата благодарност и симпатија, ги галеле орлите на капите на полските војници.
„Сакавме да им дадеме не само стручна помош, туку да им покажеме и срце. Тие многу го бараа тоа од нас. Се гледаше дека, општо земено, тие прости луѓе преживеаја ужас. Стигнаа изморени, ослабени и болникави, најчесто исцрпени од долготрајните страдања. Лошо сраснатите нозе и раце предизвикуваа болка при секое движење. Многумина од нив имаа висока температура. Некои од тешко болните дури и не беа во состојба да се радуваат од пристигнувањето до целта. Но, општо земено, се трудеа да не го изразат тоа. И само малобројни беа тие што покажуваа недоверба. ’Не допирај ме, не знам кој си‘, чувствувавме дека таква е смислата на не секогаш пријателските мрморења на некои од ранетите“, пишува полскиот лекар.
Некои не сакале да го предадат оружјето иако им било објаснувано дека ќе биде дадено на чување. Биле приврзани кон своите пиштоли и партизански пушки со пресечени цевки. Само малкумина одбивале да јадат. Најголемиот број подавале раце за да добијат од сендвичите, кои во пунктот за исхрана ги имало цели купови. Со движења покажувале на лебот и гестикулирајќи прашувале дали може уште да добијат. Подоцна велеле дека не можеле да се изначудат што имале толку многу тазе леб. Во партизани честопати го сонувале, а тука го имале без ограничување. Сестрите се радувале поради тоа што можеле да ги намират нивните желби. И тие го запаметиле тоа за цел живот. Изгладнетите во текот на пловењето јаделе без мера. На последиците не требало долго да се чека. Кон морската болест се придружил проливот и токму поради тоа меѓу 500 болни, кои во Гдањск биле префрлени од бродот во возот за Шчечин, имало многу исцрпени.
„Посебна улога за меѓусебното разбирање, како што спомнав порано, одиграа Македонците. Тие живееја во Грција како национално малцинство, а нивниот јазик е словенски. Во националистичка Грција се жалеа дека национално се обесправени. Во комунистичкото партизанство тие грчко-македонски непријателства, всушност, ослабеа, но и понатаму се' уште беа живи. Македонците имаа силно чувство за својата национална посебност“, пишува Барчиковски во својата книга „Грчката болница на островот Волин“.
Тој нагласува дека Македонците, и покрај се', не се чувствувале сосема добро меѓу Грците дека имале свои национални амбиции. „Во доверба ни велеа дека сите Македонци треба да се обединат. И тие од Грција, како и тие од Бугарија и од Југославија, каде што имаат релативно најголема автономија. Во разговорите со Грците, исто така, многукратно забележуваме дека македонскиот проблем кај нив и понатаму е актуелен и бара да се реши“, повлекува полскиот лекар.
Лекарскиот преглед првиот ден бил површен, а вториот ден лекарите почнале да ги прегледуваат сите во домовите каде што веќе биле сместени. Тешко болни немало, имале краста и пролив. Меѓу пристигнатите имало новороденчиња родени тие денови и стогодишни старци и старици. „Сите, без исклучок, беа во искинати партали - наместо чевли, имаа стари гумени чизми врзани со врвци или искинати опинци. Жените ги имаа покриено главите и половината од лицата со црни шамии, така што не се гледаше дали се стари или млади. Многу од нив телата ги имаа стегнато со ортоми и беше тешко да се ослободат од тоа. Општо земено, желно ги соблекуваа парталите и со задоволство се бањаа, но имаше неколку, пред се' жени, кои не сакаа да се соблечат голи, тврдејќи дека никогаш не се бањале голи. По бањањето, тие луѓе не можеа да се препознаат. Тогаш се покажа дека има многу млади и во средни години. Сите тие се многу пропаднати и предвреме остарени“, го пренесува Барчиковски првиот впечаток што го стекнал.
Сите тие се држеле достоинствено, не се жалеле, се труделе да се насмевнуваат кога забележувале возбуда на лицата на луѓето што ги прифаќале. Со доверба и благодарност си дозволувале да прават се' што им велел лекарот или медицинската сестра. „Тие изразуваа голема радост поради тоа што се нашле во словенска земја и подвлекуваа дека како Македонци дојдоа кај браќата Словени за да останат толку долго додека да победи Демократската армија и Грција да биде слободна, и тогаш ќе се вратат во татковината. Карактеристично е тоа што грижливо ги кријат клучевите од куќите оставени во Грција и грчевито ги стегаат за да не ги изгубат кога се соблекуваат“, пишува Барчиковски.
Првиот транспорт на 750 ранети стасал со брод од Драч преку Гибралтар во јули 1949 година, а подоцна имало и други транспорти кога биле донесени уште 1.250 ранети и околу 9.000 цивили од македонска и од грчка националност.
Полјаците ги прифатила бегалците со широко отворено срце. Првиот секретар на ЦК на ПОРП Болеслав Бјерут рекол дека тој лично е заинтересиран да им се даде на тие несреќни луѓе не само формална помош, туку и срце. Политика што подоцна ја спроведувала полската власт, која им овозможила на бегалците полесно да ги залечат раните и психичките трауми. Особен заслуга на полската држава е тоа што таа никогаш не го довела во прашање македонскиот национален идентитет.
Професор д-р хаб. Владислав Стемпњак во воведот на документите за македонските бегалци во Полска вели дека треба да се даде висока оценка на високиот професионализам на полските методичари и учители, кои учењето на македонскиот јазик го прифатија како една од најбитните цели и правеа се' што било во нивна моќ за македонската и грчката младина да го избегнат однародувањето.
„Македонците се народ, а Македонија е држава во многу посебна ситуација. Се случувало и порано и се случува понатаму да се оспоруваат нивниот национален идентитет, јазик, па дури и правото да го употребуваат името Македонија. Контроверзиите што се поврзани со тоа не се појавуваа со поголема сила во периодот што е опфатен со насловот на публикацијава. Меѓутоа, тоа не го менува фактот дека во Полска ниту во минатото не се случуваа ниту сега нема пројави на сомневање што се однесува на признавањето на посебноста на македонскиот народ и на неговиот јазик. Полска како држава, а исто така и научниците што се занимаваат со балканската проблематика, секогаш го признаваа македонскиот национален идентитет. Особено значење тука имаат резултатите од истражувањата на полските лингвисти што се однесуваат на посебноста на македонскиот јазик“, вели проф. Владислав Стемпњак.
(Продолжува) |