Мислења
Социјален капитал
Љупчо Печијарески
Само со добро позициониран социјален капитал општествената заедница може да се надева дека ќе функционира успешно
На Балканот постои едно непишано правило сопствената заедница, идентитет и историја да се глорифицираат до таа мера што се станува и глув и слеп за другите. Националната припадност и се' што е поврзано со препрочитувањето на заедничките настани и вредности што се случиле во минатото се доживуваат крајно пристрасно и етноцентрично, а со тоа се блокира секоја можност за конструктивен дијалог. Притоа, се заборава дека државите меѓусебно не се вреднуваат (со самото тоа и разликуваат) според тоа што мислат за себе луѓето кои живеат во нив,, туку според кодот на самосоздавачка препознатливост, идентификуван, но и антиципиран низ бројните содржини на постојниот начин на духовна и материјална егзистенција. Имено, секоја општествена заедница (политички артикулирана на ниво на суверена држава) иманентно во себе носи јасно дефинирана епистема за сопствената креативна самобитност со која го потврдува својот интелектуален и творечки национален (културен) идентитет. Отсуството на таа епистема истовремено означува и отсуство на свест за себеприпаѓање. Во современите услови на живеење еден од фундаменталните фактори низ кои се манифестира таа свест е континуираното градење на социјалниот капитал, кој претставува духовен амалгам за опстанокот и развојот на заедницата. Според општоприфатените стандарди, институционализирањето на социјалниот капитал е еден од основните предуслови за вклучување на една држава во глобалните светски процеси, а со тоа претставува клучен индикатор со кој се определува степенот на нејзината зрелост.
Имајќи го ова предвид, проблемот на социјалниот капитал: неговата содржина и, пред се', значењето што го има тој во однос на политичката стабилност и економскиот и културниот развој на една заедница, заслужува целосно внимание, посебно кога е во прашање нашата држава во која, во седумнаесетте транзициски години, ова прашање остана на маргините.
Станува збор за комплексен процес што ја антиципира суштината на социјалните релации во заедницата, втемелени врз определен степен на меѓусебна доверба, заеднички вредности, почит кон другиот, прифаќање на различностите, чувство за дијалог, респектирање на аргументите, при што негов краен производ е остварувањето висок степен на социјална интеграција и кохезија. Социјалниот капитал, структурно изразен преку мрежата институции кои се во функција на стимулирање на граѓанскиот ангажман и неговата позитивна социјализаторска улога, овозможува зацврстување на општествените норми и зголемување на заемната почит меѓу членовите во општеството, односно претставува клучна компонента за развојот на демократијата. Истовремено, тој ја забрзува координацијата и соработката меѓу членовите на заедницата, го зголемува нивното заемно разбирање и, на тој начин, овозможува полесно решавање на проблемите при колективното дејствување и однесување. Социјалниот капитал го прави можно остварувањето на определени цели во социјалната заедница, што, без негово присуство, би биле неостварливи. Во тој контекст треба да се има предвид дека решавањето определени проблеми од сферата на економијата и политиката е во директна корелација со степенот на развој на социјалниот капитал во конкретната заедница. За жал, често се случува политичките лидери да немаат сенс за значењето на социјалниот капитал. Тоа, од една страна, е резултат на недоволното познавање на општествените проблеми во нивниот тоталитет (не се согледува интерактивната поврзаност меѓу сите нивни сегменти), а од друга страна, во отсуството на мултидисциплинарни тимови професионалци кои би биле во функција на градење стратегиски пристап за интердисциплинарно решавање на комплексните општествени проблеми. Во најголем број случаи, политичките лидери остануваат заробеници на заблудата дека општеството се' уште може волонтерски да се менаџира, односно дека е доволна само нивната добра волја, вроденото чувство за визија, месијанската предодреденост и, секако, неспорниот патриотизам. Резултатите од таквиот пристап се поразителни. Процесите се гледаат само на површината, не постои продлабочен аналитички пристап за согледување на она што се наоѓа во подлабоките слоеви на сложената општествена структура.
Имено, за разлика од другите облици на капитал (финансиски, физички, човечки), кои конкретно се поопипливи, социјалниот капитал се содржи во структурата на односите меѓу индивидуите и групите, а со самото тоа не е лесно препознатлив од аспект на неговата клучна улога - катализатор на општествените процеси. Физичкиот и финансискиот капитал сосема се опипливи, тие се отелотворени во видлива материјална форма; човечкиот капитал е помалку видлив, тој е акумулиран во стекнатите вештини и знаења на индивидуите; социјалниот капитал е најмалку видлив затоа што се содржи во односите меѓу луѓето. Сепак, социјалниот капитал, структурно изразен како систем од вредносни кодови и изградена мрежа на заемни релации, воспоставува размена на информациите втемелена врз заемна доверба, односно гради односи на соработка, фундирани врз реципроцитет, што се неопходни за успешно функционирање на другите облици на капитал. Социјалниот капитал истовремено е значаен фактор во формирањето и манифестирањето на политичката култура, во функционирањето на парламентот, владата, судовите, партиите и другите институции чие работење има значајна улога за функционирање на државата.
Отсуството на социјалниот капитал резултира со: пораст на конфликтноста, намалување на одговорноста во работењето и толерантноста во меѓусебните комуникации, зголемување на криминалот и корупцијата, ерозија на моралот, експанзија на девијантното однесување, висок степен на недоверба и отуѓеност. Со еден збор, се создава аномично општество.
Подолготрајни ефекти за трајно надминување на претходно евидентираните негативни состојби можат да се постигнат само со инвестирање на општеството во изградба на социјалниот капитал. За таа цел е неопходно државата, со своите институции, но и граѓаните преку различни ангажмани, да покажат максимална посветеност во осмислувањето и реализирањето на оние активности што ќе бидат во функција на креирање нови содржини на социјалниот капитал. Во таа насока особено одговорна улога имаат: образовните институции, семејството, медиумите, религиозните организации и политичкиот естаблишмент. Несомнено, само со добро позициониран социјален капитал општествената заедница може да се надева дека успешно ќе функционира, а со тоа ќе се создадат претпоставки за подобрување на условите за живеење на сите граѓани. Аналогно на тоа, еден од главните приоритети во работата на новата влада би требало да биде промена во односот кон изградбата на социјалниот капитал во државата. Притоа, неопходно е да се сфати дека ниту странските инвестиции (неопходен услов за економски развој) можат да се привлечат само преку рекламирање (самонудење), ниту етничките и партиските конфликти (услов за политичка стабилност) можат да се решат единствено преку демагошка реторика и тривијално надмудрување. Неопходен е толерантен дијалог и заемен респект на сите субјекти во општествениот живот (антиципиран и стимулиран од самата власт), што би бил во функција на подобрување на интеграциските капацитети на државата, односно што би ја зголемувал внатрешната кохезија и би ја јакнел и нејзината меѓународна преговарачка позиција.
(Авторот е универзитетски професор) |