ЕДИТОРИЈАЛ
Високите потпетици на Саркози
Димитар Чулев
Постои сериозен дефект во функционирањето на Европската унија по ирското „не“ за ратификација на Лисабонскиот договор и во тој контекст можеби треба да се земат вербалните испади на францускиот претседател и претседавач со ЕУ, Никола Саркози, кои звучно детектираат проблеми во системот, особено во делот што се однесува за проширувањето на Европската унија.
Статистички податоци во Франција покажуваат дека дури 80 отсто Французи веруваат дека за време на француското претседателствување работите ќе одат на лошо, само 39 отсто веруваат дека француското претседателствување ќе може да ги промени нештата на позитивен начин во ЕУ.
Франција гестикулираше грандиозно претседателствување, пишуваше оваа пролет нашиот дописник од Париз, меѓутоа, на крајот, Елисејската палата мораше да признае дека поради ирското „не“ стрелките не се наместија на часовникот онака како што беа амбициите на Париз. Она што му следува на Саркози како претседавач со ЕУ во наредните шест месеци по преземањето на претседателството од Словенија е инсистирање на заедничка европска стратегија, решавање на проблемот со производство на храна и реформа на заедничката европска аграрна политика, справување со миграционите процеси...
Францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, на вториот ден од француското претседателствување со ЕУ, изјави дека „натамошното ширење на ЕУ кон Балканот и другите земји кои сакаат да се доближат, ќе дојде по потпишувањето на Лисабонскиот договор, а не пред тоа“. Ова е официјалниот став на Париз, особено откако една Полска, Чешка, па дури и Германија отворено се посомневаа дека Европската унија има капацитет за натамошно проширување по неприликите што им го создаде последното „мега“ проширување и кога на Франција и' се случи „полскиот водоводџија“.
Во тој контекст, без емоции, би требало да се сфатат вербалните излети на Саркози од типот дека „јас сум од Солун“. Неговата порака за долготрајното француско-грчко пријателство, која би требало да оди на контото на наводното проверено француско-грчко пријателство, реално гледано, повеќе би требало да ги навредува Грците кои поведени од нивните политичари веруваат дека Грција во спорот со Македонија доби уште еден значаен стабилен, силен итн. европски сојузник.
Но, Саркози, без оглед на колку и високи потпетици да биде кренат, не може ниту да помогне, ниту да одмогне во решавањето на спорот меѓу две држави, а ниту, пак, може да го оспори македонскиот прогрес во правец на европските интеграции ниту, пак, да ја фаворизира Грција во процесот на блокирањето на Македонија. Саркози беше тој кој пред Букурешт изјавуваше заедно со другите дека Македонија ги исполни сите критериуми за НАТО... Оттаму неговите прикаски за двојни напори кои треба да ги направи Македонија и кои во вид на официјално писмо што му го испрати на македонскиот претседател Бранко Црвенковски завчера покажуваат чудно менување на ставовите. Изјавата на шефот на словенечката дипломатија Димитриј Рупел дека „нашето срце беше за Македонија, но моравме да ги почитуваме членовите на семејството“ и онаа на Саркози за традиционалното грчко-француско пријателство на крајот на краиштата имаат еднаква политичка тежина.
Франција има нејасна агенда околу проширувањето на ЕУ и отворено демонстрира ксенофобија кон Турција, отвора ерменски геноциди, курдски прашања... Нешта за кои актуелниот претседател не е многу вешт да говори. Во тој контекст, демонстрираната блискост со Грција има повеќе елементи на пропагандно промовирање на претседателот отколку суштинско занимавање со проблемот во чие решавање на македонскиот народ не може да му се чепка по идентитетот. |