Петта победа во низа на Бостон
Селтикси ја совладаа Оклахома со 92:83 и се израмнија на врвот во Истокот со екипата на Атланта
Бостон ја забележа петтата победа во низа оваа сезона во НБА-лигата. Селтикси, како гости, ја совладаа Оклахома со 92:83 и се израмнија на врвот на Источната конференција со Атланта со скор 6-1. Првиот стрелец во лигата, Кевин Дурант (Оклахома), го заврши натпреварот со 34 коша, но Бостон до триумф стигна со одлично избалансиран напад и цврста игра во одбрана.
„Игравме како тим во пр��ото полувреме, а потоа дијаметрално спротивно во третата четвртина. Искусни екипи не смеат да паднат во такви замки. За среќа овојпат не бевме казнети поради тоа“, рече тренерот на Бостон, Док Риверс.
Лидер на селтикси беше Реј Ален со 19 поени, Пол Пирс додаде 17, дабл-дабл ефект на Рондо (10 коша, 10 асистенции). Расел Вестбрук, пак, оствари 16 коша и 10 асистенции во дресот на тандерси, кои имаа 43 отсто успешност на ударите од поле и дури 18 загубени топки во третиот пораз во последните четири меча.
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс го совладаа Портланд во нивниот „Стејплс центар“ со 121:96, што е нивна седма победа во седмиот сезонски настап и по петти пат во клупската историја бележат така добар старт во една сезона. Засега со Њу Орлеанс се единствена непоразена екипа во НБА-лигата. Најзабележителен во домашниот тим беше шпанскиот центар Пау Гасол, кој стигна до четвртиот трипл-дабл во кариерата (20 коша, 14 скока и 10 асистенции). Ламар Одом постигна 21 поен кон кои додаде 12 скока, Коби Брајант уфрли само 12 во 25 минути минати на паркетот.
Резултати: Њујорк - Филаделфија 96:106, Атланта - Феникс 114:118, Детроит - Голден Стејт 102:97, Хјустон - Минесота 120:94, Оклахома - Бостон 83:92, Лос Анџелес Лејкерс - Портланд 121:96. |