Поглед
Цени за тераси
Билјана Ангеловска
Одлуката на Советот на Град Скопје да го контролира неконтролираното користење на градската јавна површина влева надеж дека, конечно, ќе се стави крај на злоупотребата на тротоарите. За да работат надвор од локалите, кафеанџиите и трговците ќе мора прво да добијат одобрение од градоначалникот на Скопје, а потоа и од општината. За тоа што ќе користат дел од површината наменета за пешаци, дуќанџиите ќе му плаќаат на Градот закупнина, а на општината такса за поставување опрема.
Одлуката, несомнено, има неколку добри елементи. Најважно е што ќе се направи ред во просторот и ќе има место за сите - и за дуќанџиите и за пешаците. Точно ќе се знае кој дел може да биде зафатен со опрема (маси, столови, фрижидери), или со изложени производи, а кој да остане слободен за движење. Од друга страна, градската и општинските каси ќе си обезбедат постојан прилив на средства, кои, со оглед на висината на закупнината што ќе треба да се плаќа za квадрат, воопшто не се за потценување. Месечно да се плаќаат по 400 денари за квадрат и тоа седум месеци по ред не е малку, особено ако се има предвид дека на ул. „Македонија“, на пример, речиси да нема кафуле со „двор“ помал од дваесетина квадрати.
Сигурна сум дека скопјани ќе ја поздрават идејата на градскиот татко. Да се надеваме дека ќе има доволно инспектори кои редовно ќе патролираат на теренот и ќе ги казнуваат сите кои ќе се распостелат на тротоар без одобрение, или ќе се обидат да скирјат некој квадрат. Да веруваме дека нема да има прогледување низ прсти на пријателите и дека нема одобренијата да се „продаваат“ на самото место за едно пиво. Затоа што одлуката ќе има ефект само со ригорозни мерки. Во спротивно, се' ќе биде како досега - секое чудо за три дена. |