ЕДИТОРИЈАЛ
Судска битка за изборни жалби
Катица Чангова
Распишувањето на вонредните парламентарни избори не само што ги забрза вообичаените рокови за подготовки на процесот туку предизвика сериозна правна конфузија која кулминираше со битка на судовите за изборни жалби.
Суштинска дилема за која се' уште нема разрешница е кој суд треба да решава по тужбите на партиските и индивидуалните кандидати за изборни нерегуларности. Поточно, дали во услови на колизија меѓу два важечки прописи, меродавноста му припаѓа на Врховниот суд или на Управниот суд.
И кога се' е толку магливо, се претпоставува дека во разрешувањето на спорот е можно вклучување и на Уставниот суд. Според највисокиот правен акт во државата, уставните судии, меѓу другото, решаваат и за судирот на надлежности меѓу носителите за законодавната, извршната и судската власт.
Во услови на самораспуштен законодавен дом, кога без мандат остана и Законодавно-правната комисија - автентичниот толкувач на законски нејаснотии, се случува преседан. Државната изборна комисија е исправена сама на мегдан. Клучните играчи во епилогот на сериозна правна драма ќе бидат токму нејзините членови.
Целосно ќе се измести уставното начело на поделба на власта доколку Државната изборна комисија е во позиција да избере кого да послуша - Врховниот суд или министерот за правда, потенцираат експертите. Според нив, Комисијата е управен орган кој треба само да ги спроведе изборите, а не да одлучува за судска надлежност. Толкувањата на законите од државни институции надвор од судството не само што не ја засилува туку ја урива тешко стекнатата доверба во третата власт.
Членовите на ДИК се во тесна кожа, немаат лесна задача, треба да пресечат и притоа да постапат исправно. Пред нив има две различни толкувања кој да донесува одлуки по судските тужби. Актуелниот Изборен законик го дефинира Врховниот суд како надлежен за жалби, додека Законот за судовите вели дека тоа е Управниот суд.
И во ДИК се поделени, бидејќи никој однапред не знае како ќе се изјаснат. Затоа Државната изборна комисија како најбезболна варијанта со која се купува време ја избра консултацијата со експерти. Дури потоа ќе го кажат конечниот збор, или консензуално или со силата на гласот.
Државната изборна комисија ја збунија мислењата од Врховниот суд и од Министерството за правда, кои самите ги побараа.
Врховните судии побараа да решаваат за жалбите по изборните инциденти и нерегуларности на пр��тстојните предвремени избори. Највисокиот суд во државата се повикува на Изборниот законик во кој недвосмислено стои дека жалбената постапка е во негова надлежност, како што беше и досега. Мнозинството врховни судии се изјаснија дека нивните одлуки се задолжителни и имаат ефект како и секоја друга одлука. Тоа значи дека мора да се почитуваат и да се реализираат.
Спротивен е ставот на Министерството за правда. Стручното мислење на Правда недвосмислено и без никакви резерви упатува на новоформираниот Управен суд како надлежен за изборните акти. Објаснувањето е дека законите за управни спорови и за судови се со понов датум од Изборниот законик.
И кога најмалку се очекуваше, министерот за правда реши јавно да сугерира дека ингеренцијата е кај управните судии. Оваа негова порака, дадена во предизборје, не може да се протолкува никако поинаку освен како притисок на која страна да застане Државната изборна комисија. Тоа не е ни малку популарен гест од причини што министерот е човек на Владата. Уште повеќе, извршната власт е најодговорна за креирањето на изборниот амбиент што треба да финализира со фер и демократски избори. Ваква неодмерена изјава прејудицира сомнеж во судовите и во нивната наклонетост спрема одредена политичка групација. |