Брoj 2672  сабота, 26 април 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Маратонски концерт на Симон Трпчески

Концерт со невообичаена должина, но со вообичаена возбуда, со виртуозна изведба и пет биса

Тина Иванова

Средата беше ден кога Скопје го одбележаа два големи настана од областа на културата, што се случија во исто време, на различни места. Ништо невообичаено за Скопје, каде што, се чини, настаните од културата или ги има претерано или воопшто ги нема, а сето тоа поради бесмислената дезорганизација. Покрај спектакуларната и иновативна изведба на најпознатиот балет на сите времиња „Ромео и Јулија“, кој се одржа на сцената во Македонскиот балет, во „Метрополис арената“ на Скопскиот саем се случи долгоочекуваниот солистички концерт на македонскиот пијанистички виртуоз Симон Трпчески. Повеќе од 2.500 љубители на класичната музика, кои присуствуваа на концертот на Трпчески, имаа можност да уживаат во прекрасните звуци што ги произведуваше македонскиот пијанист на своето ново концертно пијано „стенвеј“, преку романтично-импресионистичките дела на Прокофјев, Рахманинов, Дебиси, Брамс, Григ, преку фолклорниот израз на композициите од македонските автори Глишиќ, Цанев, Шахов, Лековски...

Невообичаено долг, кој ги надминува сите граници на времетраење на еден солистички концерт, но вообичаено и очекувано возбудлив, предизвикувачки, со емотивна обоеност. Така помина повеќе од два и полчасовниот настап на Симон Трпчески, кој со право може да се нарече маратонски. Публиката со бурни аплаузи и овации го испрати македонскиот пијанист од сцената дури откако се задоволи со петте изведби на бис. „Имавме долг концерт, но токму таков и прилега за еден голем празник“, рече Симон Трпчески, кој својот последен концерт во Скопје го одржа спроти најголемиот христијански празник Велигден. Уште еден повод за неговиот настап беше промоцијата на концертното пијано „стенвеј“, кое на подарок го доби минатата недела од неколкумина македонски и странски донатори. „Стенвејот“ поседува совршен звук на кој, за жал, македонската публика не навикнала - стаклен, па пластичен, одвреме-навреме и кадифен, што несомнено придонесе во збогатувањето на целокупната концертна атмосфера во „Метрополис арената“. Познатата пијанистка Марта Аргериќ во една прилика ќе каже: „Понекогаш ’стенвејот’ свири подобро од пијанистот!“ Во случајот со Симон Трпчески, а како што пијанистите умеат да кажат дека ’стенвејот’ е живо битие со душа и срце, ’двајцата’ дишеа во еден здив.



Трпчески го почна конц��ртот и го заврши со дела од рускиот композитор Сергеј Прокофјев - интересната „Сказни на старата баба“ и мошне популарната „Токата оп. 11“, која е всушност популарна особено кај виртуозните пијанисти. Оваа втората можеби беше и највпечатливата тема на концертот. Ги изведе и шесте сегменти од познатото импресионистичко „Детско катче“ на францускиот автор Клод Дебиси, кои се со навидум наивна детска мелодичност, но со големи технички барања од изведувачот. „Детско катче“ е композиција сместена на најновото, четврто ЦД на Трпчески издадено за познатата куќа „ЕМИ класикс“, а македонскиот пијанист од неа умешно ги извлече префинетите тонски бои и непосредниот израз што го поседува. Мошне импресивни беа и Трите прелудиуми, вклучувајќи ги и „Јоргован“ и „Маргаритки“ на Сергеј Рахманинов, преку кои пленеше разновидноста на тонската топлина, но и интимниот однос што го оствари Трпчески преку нивната интерпретација, особено со последните два прелудиуми бр. 2 и бр. 5.

Во вториот дел од концертот, Трпчески, во трите композиции на Григ и Брамс наменети за пијано-четирирачно, настапи заедно со своите студенти - извонредните пијанисти Едита Хаџи Хамза и Андреј Наунов, со кои концертираше и на неодамна завршената мини-турнеја низ Македонија. „Норвешките танци“ и Суитата бр. 1 од „Пер Гинт“ на Едвард Григ и „Унгарските танци“ од Јоханес Брамс, првите со романтичарска естетика, второто инспирирано од унгарските фолклорни елементи, звучеа магично, со богат, полн тон, за што придонесе и одличната музичка комуникација меѓу Наунов и Хамза и Симон Трпчески. Во овој контекст, неизбежно е да се напомене и еден организациски пропуст. Во програмскиот лист не беше запишано името на младите пијанисти, а ниту Трпчески се сети да ги најави, па верувам голем дел од публиката не знаеше кого гледа и слуша. А, младите уметници, секако, заслужуваат пиетет. Делата на Григ, Трпчески, како што и најави, и' ги посвети на сопругата на амбасадорот на Кралството Норвешка, Норун Ворланд Виби, иницијаторот за купување на пијаното „стенвеј“. По енергичниот настап на тројцата пијанисти, Трпчески се посвети на делата од македонските композитори - често изведуваната на неговите концерти насекаде во светот, „Прелудиум и Пајдушка“ од Живоин Глишиќ и првата композиција која Трпчески научил да ја свири на пијано од македонски автор „Овчеполска суита“ од Благој Цанев. И двете со фолклорен призвук, Трпчески им ги посвети на своите професори по хармонија и солфеж.



Овациите не стивнуваа откако македонскиот пијанист ја отсвире својата редовна програма и дури пет пати се врати на бис, сите редум посветувајќи им ги на свои пријатели, како и на организаторите „КултурОп“, истакнувајќи дека се светол пример како треба да се организираат културни настани. На последните два биса изведе уште две македонски дела, на Александар Лековски и на Панде Шахов. Првиот бис и' го посвети на Маура Романо, претставничката на компанијата „стенвеј“, која беше присутна меѓу публиката.

И скопскиот концерт на Симон Трпчески имаше хуманитарна димензија. Приходот од Велигденскиот концерт го намени за доизградба на манастирот „Свето Преображение“ во Крушево, што беше желба на неговиот колега и пријател Тоше Проески.

Преполната „Метрополис арена“ беше можеби најсоодветниот простор за одржување на концертот на Симон Трпчески поради капацитетот на салата. Трпчески сместен во средината, а околу него аудиториумот, беше одлично визуелно решение, но и во поглед на акустиката, кога станува збор за солистички концерт. Но, со оглед на нетипичноста на просторот за концерти на класична музика, односно неговата слаба изолација, изведбата на Трпчески ја ’збогатуваа’ и звуци од воз, сирени од амбулантно возило...


Статијата е прочитана 559 пати.

Испрати коментар

Од: Natasha
Датум: 26.04.2008 06:25:18
Bravo za Simon! Ete bre luge, ima uste nadez i posle Tose, gi ima i talentite i muzikata - site znaeme deka bese i uste e tesko i bolno bez Tose ama ne pagajte... Site ve sakam!!!
Од: Odette
Датум: 27.04.2008 23:02:50
Samo bi sakala da Ve popravam. Istata vecer kako koncertot na Simon Trpceski se izveduvase baletot Lebedovo Ezero, a ne Romeo i Julia. A za koncertot na Trpceski, vo Brahms dvete drugi race osven tie na Maestro Trpceski bea tie na Ana Arangelova, a ne na Edita Hadzi Hamza, ili Andrej Naunov. Isto taka dokolku veke nabrojuvate koj se nastapil, treba da se napomene nastapot i na violinistot Kliment Todoroski. Mislam deka ova treba da bide opisano vo edna profesionalna kritika. No, site sto ostanaa do krajot na koncertot znaea sto se odvivase na scenata. Eden kriticar treba da go znae toa! Do redakcija na Utrinski Vesnik: Ve molam proveruvajte gi informaciite pred da gi objavuvate, vaka e navredlivo za nas-citatelite.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
��арикатура
Македонските избори со ниска преодна оценка
Претходен број
Мирните избори се влог во иднината
За стручњаците датумот за ЕУ преамбициозен
Зденко
Галичник прооден
Судска битка за изборни жалби
Цени за тераси
САД бараат Македонија да влезе во НАТО колку што може поскоро
ДПМНЕ од Дивиот Запад
Македонците не отпатуваа во Грција за Велигден
Патриоти и предавници
Струмица во убавината на денот
Во Македонија ќе расте цената на храната
Verbatim