Број 2933  среда, 11 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Култура

Премолчуван и игнориран, до кога?

Годинава се одбележуваат 100 години од раѓањето и 20 години од смртта на големиот српски поет Оскар Давичо (1909-1989)

Милан Ѓурчинов



Деновиве се навршија сто години од раѓањето и дваесет години од смртта на големиот српски, балкански и европски поет, романсиер, есеист и полемичар Оскар Давичо.

Признаван и оспоруван, тој беше личност крајно незаинтересирана за ваков вид одбележувања, оддавање признанија или лична афирмација, па и кон ваквите сегашни мои редови, сигурен сум, би се однесол со скепса и намрштени веѓи. Накусо, тој беше рамнодушен кон се' што е далеку од аурата на онаа апсолутна слобода кон која тој од најрани години, се' до смртта се стремеше, ненаситно, стрмоглаво, непомирливо и тотално. Ни во творештвото тој не признаваше никакви струења ни дефинитивни определувања и поетики дури ни онаа надреалистичката на која бездруго во младоста и припаѓаше без да и остане вернички доследен, зашто и неа ја надградуваше, подавајќи им се на импулсите на новото, сеуште непостојното, ненадејното, неусвоеното. Поетот за него беше оној кој преку оружјето на своето око, со уво прислонето кон пулсот на светот, вечно е спремен да ја пушти својата крв - стиховите. Оној чие сето внимание е свртено кон корењата на животот, онаму каде што се лачи она што настанува, каде што настанува јадрото на иднината. Времето на најголемиот творечки подем на Давичо и неговото најшироко влијание беше почетокот на 50-тите години на 20 век кога ја проучуваме неговата стихозбирка „Хана“, (инаку појавена пред војната), кога се огласи програмската статија „Поезијата и отпори“ кога се појави неговиот прв роман „Песна“, кој одекна како вистинска експлозија во дотогаш застоената клима на книжевниот живот петрифициран од рецидивите на сеуште жилавиот соц-��еализам.



Давичо - бунтовник и разурнувач на анахроното и конвенционалното, иако превосходно поет, не се приклучи ниту кон изживеаниот романтичарски идеал, бидејќи беше против секое гледање „наназад“, против секој пасатизам, како што еднакво им се спротивстави на сите алтернативи кои му се закануваа на писателот „од лево“ и кои водеа кон исчезнувањето на личноста, на индивидуалноста и нејзиното втопување во безличната општост.

На таков начин, неговата борба со конзервативизмот и застоеноста беше комплементарна на борбата што ја започнаа претставниците на новиот бран на младата македонска литература во почетокот на 50-тите години: за афирмација на книжевните мерила како единствено легитимни за воспоставувањето на естетскиот плурализам, за воведување современа тематика како и за нејзин модерен уметнички израз што ги отвораше хоризонтите пред творците на новата македонска книжевност.



Токму тогаш, во средината на таа декада Оскар Давичо, заедно со Васко Попа и Зоран Нишиќ мошне придонесе како покренувач и еден од предводниците на списанието „Дело“ мошне придонесе на неговите страници новата македонска книжевна генерација со посовремени литературни погледи да ја доживее својата најрана и убедлива промоција. Токму тогаш се појавуваат на поширок план творбите на Гане Тодоровски (1956), Матеја Матевски (1957), Влада Урошевиќ (1057), Димитар Солев (1957), Блаже Конески (1957), Србо Ивановски (1957), Цане Андреевски (1957), Богомил Ѓузел (1958) и други. Една деценија подоцна интересот на Давичо за новиот расцут на македонската поезија одново се разгорува. Во статијата „Јазикот на Итар Пејо“, тој зборува со висок респект за Славко Јаневски но и за фасцинантниот расцут на една поетска плејада (Шопов, Конески, Тодоровски, Матевски, Радован Павловски, Урошевиќ, Ѓузел, Анте Поповски), за нејзината национална поетска автентичност, за нејзиното исклучително јазично самоостварување што се одигра во вонредно краток временски интервал во кој македонските поети „усвојувајќи се она што современата светска поезија можеше да им го понуди“, опирајќи се врз својот македонски фолклор - „сигурно најбогатиот фолклор на балканската почва“ - успева „до бескрај да ги прошири сите суштински можности на поетското кажување“. На сличен начин, во есејот „За чујното и нечујното“ тој ќе проговори за „брилијантните иновации“ во „Триптихонот“ на Анте Поповски, за „чудесната вербална сила“ на новите стихови на Радован Павловски, изразувајќи го својот восхит што таквите дострели, какви што бездруго ги има и во другите светски литератури, сега „толку природно и толку уверливо се појавуваат и во толку младата поезија, каква што е македонската“. Давичо не задоцни да се огласи и по повод на Санстефанските фантасмагории и апетити на поединци од источниот наш сосед. Тој резолутно напиша: „Македонците не се чувствуваат ниту Бугари, ниту Срби, туку - Македонци. Одлично. Македонците, значи, национално постојат. И, што сега? Кој смее да им го оспори правото на нивното постоење?“



Но, тој интерес на Давичо за Македонија и за нејзината поетска афирмација не датира само од тој временски миг. Тој интерес е поврзан со контактот на Давичо со втемелувачот на современата македонска поезија Кочо Рацин и неговата стихозбирка „Бели мугри“. Кога во 1939 година Давичо илегално се наоѓал во Загреб, кај него дошол Рацин со ракописот на својот поетски првенец. Живееле во станот на Давичо и таму и се хранеле. Оскар му помогнал преку „Црвената помош“ да ги комплетира средствата неопходни за печатењето на Самобор (претходно, му помогнал да објави во списанието „Наша стварност“ неколку од најубавите негови песни на македонски јазик, кои оставиле силен впечаток. Заради нив бројот на списанието бил запленет од полицијата). Доколку не ме лаже сеќавањето, си спомнува Давичо, целиот тираж во два големи куфери го префрливме во мојот стан, а потоа направивме план како да ги префрлиме примероците во Белград. Таму ги презедоа напредните македонски студенти кои потоа ги растурија низ Македонија. Давичо имаше вонредно високо мислење за лириката на Рацин. „Преку Рациновата поезија јас ја почувствував убавината на македонскиот јазик, неговата посебност и самобитност“.



Последните години од животот Давичо беше жестоко ангажиран во полемичкиот дијалог со национализмот во културата и во книжевноста. Неговите статии и книги од тој период исполнети се со остри реплики кон сите кои ги откопуваат националните митови во минатото. Со жестина и неретко со претерувања тој се пресметуваше со таквите анахронизми во сопствената средина. Носителите на таквите сфаќања по смртта на Давичо во 1989 му одговорија со: премолчување и игноранција. Но, тоа можеше да биде, како што сега гледаме, само привремен и залуден одговор. Кога, еден ден, сегашниов дводецениски молк во неговата матична средина ќе исчезне, оние кои вистинската поезија знаат и можат да ја ценат ќе имаат огромна работа да го надоместат пропуштеното на еден од најголемите и најкреативните творци од втората половина на 20 век да му го дадат неговото заслужено и незаобиколно место.

 


Статијата е прочитана 430 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Кале повторно во фокусот на археолозите
Вечерва ќе падне првиот кадар за филмот „Д’Скопје“
Пиксказни“ изложба на Ладислав Цветковски
Скопје домаќин на собранието на светската театарска мрежа „InterACT“
Европската унија ќе доделува награда за литература