Европската унија ќе доделува награда за литература
Европската комисија востанови нова награда за литература која ќе ја доделува Европската унија за дела од областа на современата литература.
Целта за востановувањето на наградата е да се стави акцент на креативноста и различноста на творењето во современата литература која се објавува во земјите на ЕУ. Исто така, со ова ќе се промовира циркулацијата на литературата меѓу државите и ќе се зголеми интересот за ненационални литературни творби. За прв пат наградата ќе биде доделена годинава.
Европската награда за современа литература ќе се состои од признание, кое го доделува европскиот амбасадор за литература и награда за најталентиран писател од секоја од земјите-учеснички.
Здружението на издавачите од Европа веќе работат заедно со Здружението на книжарите на Европа и Европскиот сојуз на писатели, при што досега е избран процесот според кој ќе се врши селекцијата за доделување на наградата во 2009 година. Доделувањето на наградата е финансирано од средствата на Културната програма на ЕУ, која веќе поддржува награди во областа на музиката, современата архитектура и културно наследство.
Програмата ја стимулира транснационалната културна соработка и процесите кои вклучуваат оператори од минимум три различни држави кои партиципираат во неа. (Н.П.) |