Свет меѓу корици
Авантури без трошка милост
Невена Поповска
Книгата „Мистергонија“, која ја објави издавачкиот центар „Три“, младиот Милош Димковски ја напиша на 14 годишна возраст. Романот на македонски беше отпечатен само во 500 примероци, со поддршка на Друштвото на писатели - Куманово, по што почна долга потрага по поголем македонски или странски издавач. Гимназијалецот од Куманово случајно стапил во контакт со фирма од САД што пројавила интерес да ја објави приказната и ...почнува успешната приказна. За неговото дело течеше и рекламна кампања во 300 локални и национални весници во САД, што е редок успех за наш млад автор. Соработката со странскиот пазар одела преку издавачката куќа „Роуз дог“ од Питсбург, а во контакт е и со уште неколку литературни агенти, кои книгата ја понудиле во Русија, Романија, Србија, Босна и во Бугарија, каде што има интерес за делото. „Книгата се рекламира и на „google news“, „yahoo news“, како и на интернетските блогови, во списанија и на радиостаници. Oстварени сe контакти со различни издавачки куќи низ светот. Книгата е во продажна мрежа на околу 25 дистрибутери низ Америка, а ќе може да се купи и онлајн, во печатено или во електронско издание“, објаснува Димковски. Младиот автор, вели: „Сакам да имам некоја работа со која ќе знам дека ќе можам егзистирам, но пишувањето ќе биде секогаш дел од мене. Никогаш ништо не се знае. Не знаеме што може да донесе наредниот ден“. За „Мистергонија“, „инспирацијата му бил еден несреќен случај, кој го сменил живот на едно семејство. „Бев инспириран и од насмевките што се паметат за последен пат. Авантури без трошка милост. Книгата е возбудлива приказна низ времето, почнувајќи од Лондон до нова бесконечност - дел од непознатиот универзум, кој ниту научниците не можат да го откријат. Стравот од непознатото им претставува пречка на тинејџерите да стигнат до целта. Спомените од минатото се надеж за нив“. Приказната во „Мистергонија“ се движи околу семејството Милсон, кое има пет деца. Откако нивната куќа ќе изгори до темел, тие ќе бидат принудени да најдат засолниште кај нивниот мистериозен роднина Карлос, на периферијата на Лондон. Тој ќе ги прими во својот дом, но ќе им забрани да влегуваат во четвртата соба. Љубопитните деца ќе го прекршат правилото и ќе влезат во одајата. Таму ќе наидат на голема кристална топка што реагира на сончева светлина. Таа ќе ги повлече децата во себе и тие ќе се најдат во волшебната земја Мистергонија. Во неа живеат самовили, џуџиња, диносауруси, птици што зборуваат...„Станува збор за роман-авантура, фантазија за млади и тинејџери. Се зборува за пет деца, кои преку стаклена топка, која реагира на сончева светлина, ќе заминат во нов свет наречен Мистергонија. Тие треба да соберат пет дијаманти, да ги наместат во замокот на лошите чудовишта за да можат да се вратат на планетата Земја. Ова е само почетокот на приказната“, вели Димковски.
Авторот подготвува и продолжение на делото, „Мистергонија и дејството на Адамовиот бакнеж“, и уште две нови книги. На минатото издание на Саемот на книгата во Скопје тој беше присутен на штандот на неговиот издавач, Издавачкиот центар „Три“ и делеше автограми. „Ова е ново искуство за мене. Напишав роман и за македонската младина, кој се базира на неколку вистински ликови. Сега пишувам трилер сместен во Русија. За ова дело мислам дека е мое најдобро прозно остварување до сега. Ќе биде на повисок стил, лесно читливо, едноставно за сите што се љубители на таков жанр, без разлика на возраста“, вели Милош.
Инспирацијата за пишување ја црпи од музиката и вели: „Уживам додека слушам, притоа ги создавам и усовршувам настаните шт�� сакам да ги прикажам во книгата. Сепак, треба да се има и идеја, фантазија, стрпливост за да може да се напише книга, а пред се поддршка од најблиските, што во мојот случај ја имам“.
Според книгата на Димковски во план е да се прави и компјутерска игра. Младиот автор добил понуда од реномираната француска ко��панија за видео и компјутерски игри „Убисофт“ - за од неа да се направи компјутерска игра. Димковски за ова вели дека има многу процедури и работа за да се реализира овој проект. „Се' уште не можам да кажам нешто сигурно во врска со ова. Подобро да не зборувам предвреме додека не дознаам како ќе се одвиваат работите“. |