Број 3462  вторник, 21 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Култура

Берлиналето ќе биде посветено на независниот филм

Голема почест 61. Берлински филмски фестивал ќе им оддаде на легендарниот режисер Ингмар Бергман и на германскиот актер Армин Мулер-Штал

Сунчица Уневска

Претстојниот 61. Берлински филмски фестивал, што ќе се одржи од 10 до 20 февруари, ќе биде во знакот на големиот шведски режисер Ингмар Бергман и на германскиот актер со меѓународна слава, Армин Мулер Штал. На Бергман, за кого фестивалот нагласува, дека станува збор за екстраординарен автор кој стекна статус на модерен класик, ќе му биде направена огромна ретроспектива. Додека актерот Мулер-Штал, кој играше во многу класици на светскиот филм, ќе ја прими почесната „Златна мечка“ за животно дело. А освен овие две почести, друго на што ќе биде фокусиран фестивалот е независниот филм. И оваа година Берлиналето воспоставува директната соработка со фестивалот во Санденс, само што овој пат тоа не се однесува само на маркетот и на презентацијата на независните дела пред потенцијалните купувачи, туку се однесува и на главната програма. Имено, организаторите на фестивалот со гордост истакнуваат дека Берлин годинава ќе понуди голем број независни филмови, кои ќе имаат можност да бидат претставени на едно многу повисоко ниво.

Бергман, кој почина во 2007 година, зад себе остави неверојатно филмско наследство, кое воведе своевидна револуција во филмот во втората половина на 20 век. Годинешното Берлинале ќе го прикаже речиси целокупниот негов опус, меѓу кои се и филмовите што му донесоа светска слава, како: „Тишина“ од 1962, „Сцени од брачниот живот“ од 1972, како и култниот „Фани и Александер“ од 1981, кој освои четири „оскари“. Легендарниот автор кој ги има освоено сите можни филмски признанија, „Златна мечка“ доби за познатото остварување „Диви јагоди“ во 1958. Паралелно со ретроспективата, фестивалот предвидува одржување и на серија настани врзани со опусот на Бергман, како предавања и повеќе панели, а исто така во Филмскиот музеј во Берлинската кинотека ќе биде отворена и изложба насловена „Ингмар Бергман - Вистина и лаги“. „Бергмановата многустраност е толку исклучителна, како и неговата храброст да ги урива општествените табуа. За разлика од било кој друг филмаџија, тој покажа колку конфликтно се чувствува современиот човек денес во однос на животот. Неговите филмови се дел од историјата на Берлинале“, изјави директорот Дитер Кослик.

Осумдесетгодишниот Армин Мулер-Штал пак, се смета за една од најголемите германски интернационални ѕвезди. Тој има освоено многу награди за неговите улоги, а како што истакнуваат организаторите, во неговата 50-годишна кариера има играно широка лепеза на ликови во продукции ширум светот. Мулер-Штал има работено со многу познати режисери од различни генерации, и тоа со Коста Гаврас, со Анджеј Вајда, со Рајнер Вернер Фасбиндер, како и со Џим Џармуш, Стивен Содерберг, Том Тиквер и други. Вниманието на светската јавност Мулер-Штал го привлече, пред се', со „Лола“ на Фасбиндер и со „Музичка кутија“ на Коста Гаврас, каде што играше нацист. Уште една неверојатна улога оствари во филмот „Сјај“ на Скот Хикс, како татко на познатиот пијанист Дејвид Хелфгот, за што освои номинација за „Оскар“. Интересно е дека последниве години тој се занимава со сликање и музика.

Што се однесува до независниот филм, фестивалот веќе најави дека присутните на Европскиот филмски маркет, кој се одржува за време на Берлиналето, ќе можат да ги видат најновите независни американски филмови, кои само што ќе ги имаат своите премиери на „Санденс“. Но, и во главната програма, меѓу осумте филма кои се веќе објавени, најавени се неколку независни продукции. А организаторите се особено задоволни што и за отворањето на 61. Берлинале ги обезбедија браќата Џоел и Етан Коен, кои и покрај реномето кое веќе го имаат, како и високобуџетните продукции, сепак, се' уште го имаат статусот на независни филмаџии.

Веќе се знае дека фестивалот ќе го отвори филмот „Вистинска храброст“, кој е римејк на познатиот вестерн со Џон Вејн во главната улога. Во филмот на браќата Коен, цврстиот маршал „Рустер“ Кобурн го игра Џеф Бриџис, а покрај него играат и Мет Дејмон и Џош Бролин.

Годинешната официјална програма ќе ја отвори познатата независна авторка Миранда Џули со филмот „Иднина“, направен во американско-германска копродукција. Главната улога во филмот ја игра самата Џули, а станува збор за семејна драма со елементи на магичен реализам.

Џули влезе во програмата на фестивалот „Санденс“ (кој се одржува во јануари) и нејзиниот филм ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Интересно е дека Берлин во натпреварувачката програма го селектира и дебитантскиот филм „Врескање до небото“ на Викторија Махони, очекувајќи дека и тој филм ќе биде дел од „Санденс“, но тоа не се случи, па така оваа семејна драма својата светска премиера ќе ја има токму во Берлин. Главната улога во овој филм ја игра Габури Сајдиб, која беше номинирана за „Оскар“ за филмот „Прекрасна“.

Уште едно атрактивно деби ќе ја има светската премиера во Берлин, но надвор од конкуренција. Станува збор за режисерското првенче на Ралф Фајнс, кој ни повеќе ни помалку, туку се нафати да екранизира една од драмите на Шекспир, „Кориолан“. Главната улога ја игра Фајнс, а меѓу другите актери се: Џерард Батлер, Ванеса Редгрејв, Брајан Кокс. Инаку, Фајнс филмот го снимаше во Србија, па во филмот се вклучени и повеќе српски актери. Надвор од конкуренција ќе биде прикажан и новиот документарен филм на Вим Вендерс, „Пина“, посветен на познатата германска кореографка Пина Бауш. А во конкуренција се и: турскиот „Нашиот голем очај“ на Сеифи Теоман, израелскиот „Липстика“ на Џонатан Сагал и германскиот „Ако не нас, кој?“ на Андрес Виел.

Годинешното жири го предводи италијанско-американската актерка Изабела Роселини. А директорот Кослик го покани и иранскиот режисер Џафар Панахи, кој лани беше уапсен и беше спречен да присуствува на Берлиналето и на панел дискусијата посветена на иранскиот филм.


#
Статијата е прочитана 172 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Авантури без трошка милост
Четири нови книги на митрополит Методиј Златанов
Интимни графити од Јасна Петков-Стојановиќ
Фотографии на Матеј Богдановски во ЦК
Промоција на Собрани дела од Васил Куноски
Конкурс за „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Деведесет дела конкурирале за наградите на ДПМ
 

What will 2011 bring for the Western Balkans?
Last news update on WAZ.EUobserver
Croatia moves closer to concluding EU accession talks