Бели Гробје засега највисок локалитет во земјава
На симпозиумот на МАНД во Струмица прв пат е презентирана некропола на планината Огражден
Катерина Богоева
Во Банско, Струмица, во изминатите три дена се одржуваше XXI Симпозиум на Македонското археолошко научно друштво - МАНД, на кој деведесетмината археолози од земјава, но и еден астроном од Бугарија (со излагање за археолошкиот локалитет Кокино), презентираа тематски различни трудови поврзани со дел од реализираните истражувања во земјава.
Се презентираа научни сознанија од сите периоди од историјата на Македонија, кои ги опфаќа архе��лошката наука, а доминираше античкиот бидејќи, како што напомена претседателката на МАНД, Марина Ончевска - Тодоровска во рамки на археолошките локалитети, античките градови се на прво место. „Затоа што тука се големите антички градови, едните се само римски, а други започнале со својот почеток во создавањето од хелионизмот, како што се: Скупи, Стоби, Хераклеја, Охрид, Струмица, Исар Марвинци“. Специфика на собирот беа две големи групи на презентации поврзани со Скупи и Стоби, но и зголемениот број на учесници во однос на, пред две години одржаниот собир во Кичево. Евидентно беше зголемен бројот и на млади археолози.
Археолозите одржаа и годишно собрание и го промовираа 19 број од своето списание „Macedoniae acta archaeologicа“, во кое се отпечатени трудови, не од минатиот, туку од предминатиот симпозиум кој се однесува на периодот од 2004 до 2006 година.
„Сепак имаме некој континуитет на издавање на „актите“, најбитно е тие да излегуваат, но што да правиме, такво е финансирањето “, одговори Ончевска на нашата забелешка за задоцнетата динамика на печатење на сознанијата, кои сеуште се на македонски јазик со сумарен текст на англиски. Надвор од собирот, очекувано можеа да се чујат забелешки за неопходната потреба од целосен превод на текстовите на англиски, поради се' поактуелната потреба за презентација на археолошките сознанија во светот.
Симпозиумот беше поддржан од градоначалникот на Струмица, Зоран Заев кој и го отвори, и на археолозите им порача да не дозволат дневно- политичките прашања да им влијаат на науката.
Регионот на Струмица очекувано беше во центарот на вниманието, а освен презентираните нови сознанија од впечатливата тврдина Цареви Кули, внимание привлече и презентацијата на археолошките наоди откриени на засега, највисокиот евидентиран локалитетот во земјава, Бели Гробје на планината Огражден, на надморска висина од околу 1400 метри. Имено таму, во месноста Драгулево, двајцата археолози проф. д-р Марјан Јованов и Ване Секулов, минале еден месец во 2007 година во многу лоши услови за работа и со голем ентузијазам откриле богата некропола.
„Драгулево е висорамнина, а локалното население го именувало едно од ритчињата Бели Гробје, најверојатно поради присуството на бел камен од гробовите. На 300 - 400 метри од него се т.н Влашки колиби, каде откривме објекти за кои мислиме дека сочинуваат населба“ посочи Ване Секулов.
Најблиска точка до истражуваниот локалитет е селото Иловица, а од Струмица е оддалечен на 1200 метри висинска разлика.
Приказната со некрополата Бели гробје е започната во 1996 година кога во Заводот за заштита на споменици на културата и Музеј Струмица, од некое лице биле донесени монети од тој простор. До 2003 Музејот на презел ништо бидејќи и немал теренско возило неопходно за искачување на просторот. Во таа 2003 година, археолозите почнале да работат на планината Огражден, но најнапред на локалитетот Црвено поле (каде континуирано и се истражува веќе осум години), но и го обиколувале околниот терен и за прв пат го посетиле Бели Гробје. Во 2006 година пак дошле до сознанија дека засега, Драгулево го чинат две некрополи: Бели Гробје и Вртешка и населбата Влашки коливи „Најзападна е некрополата Вртешка, на следното ритче е населбата, а на следното е Бели гробје“’, објаснува Ване Секулов.
„Некрополата Бели Гробје според она што го најдовме е апсолутно богата, но ние имавме време и средства да истражиме само 15 гроба. Таа сигурно зафаќала поголема површина, но е многу оштетена од претходни интервенции, од пробивање на пат низ планината и транспорт на дрва. Не знаеме колку, но можеби и стотици гробови биле оштетени при тие интервенции. Во 2007 година работевме со малку средства, еден месец, во многу тешки услови, носевме опрема, шатори. Живеевме и работевме во импровизирани услови, имавме и поплави, невремиња. Во јули месец таму е неверојатно студено“, потенцираше археологот Маријан Јованов, според кого од научен аспект, целата некропола е многу вредна. „Монетите кои ги откриваме се чести, а некрополата е датирана од крајот на 3 век, до прва половина или средина на 5 век н.ера. Тука живеело население што се занимавало со одредена дејност, но сеуште не знаеме со што. Засега немаме доволно елементи за да говориме со сигурност, поради што некрополата и населбата треба да продолжат да се истражуваат“.
На симпозиумот во Струмица некрополата беше за прв пат и презентирана во земјава а претходно, во 2007 година била презентирана на симпозиум во Сибиу, Романија, на специјализиран симпозиум ��а фунерарна археологија, како дел од неколку заеднички локалитети од Источна Македонија. „Според грбовите можеме да заклучиме дека имаме континуитет на живеење од околу 250 години на тој планински простор, далеку од сите патишта. Богатите гробови говорат за висока економска состојба на тогашното население. Тогашните жители контактирале со позначајните средини, па дури можеби и со населението по долината на Морава, на Струма,со други градови во Римската империја и од таму стигнувал материјал кој го откриваме. Имаме индиции за постоење стакло што се увезувало и монети од сите имератори што, генерално, го покриваат 4 век од новата ера“. |