Бранко Ѓорчев повторно на чело на Драмски
Како што известуваат од Министерството за култура, Бранко Ѓорчев е реизбран за директор на Драмски театар во периодот од 2006 до 2010 година, поради неговата успешност во водењето и поради содржината на програмата што ја доставил на конкурсот за нов директор.
„Во својата програма Ѓорчев нуди поинаков пристап за анимација на публиката, со воведување посебни термини за ученици и за студенти, а репертоарот се збогатува со ноќна или кабаре-сцена. Задржани се и основните постулати на еден ’железен репертоар‘, кој опфаќа домашни драмски текстови, како и класични и модерни дела од светската драматургија“, се вели во известувањето од Министерството. Додека за периодот во кој Ѓорчев беше директор, нагласен е неговиот придонес покрај претставите во продукција на театарот, да се реализираат и многубројни копродукциски проекти што го збогатиле и го освежиле репертоарот на оваа куќа. Меѓу другото, Драмски гостуваше на многу домашни и странски фестивали, а се вели дека Драмски работел без загуби и навреме ги реализирал проектите. (С.У.)
|