Двосменско работење ќе донесе ред во дополнителната дејност на лекарите
Со работа во две смени, Министерството за здравство планира да ги намали злоупотребите
Јасмина Јовановска
Министерството за здравство планира да воведе двосменско работење во болниците и во клиниките, а 24-часовните дежурства да ги скрати на ноќни дежурства. На овој начин, Министерството за здравство, како што неофицијално дознаваме, сака да ги намали злоупотребите околу дополнителната дејност, но и да ги намали трошоците на болниците. Уште повеќе откако ревизијата од Министерството на поголем дел од клиниките покажала дека со надоместоците за дежурствата преку бруто-концептот се билдале платите на лекарите и на медицинскиот кадар со средно образование. Некоја форма на двосменско работење и сега функционира во некои здравствени установи, како што се интерните клиники, каде што, покрај дежурен лекар, попладне работи и една амбуланта. Но, со новиот правилник работа во две смени се предвидува и за Хируршките клиники и за другите клиники и болници во државата. Ова значи дека редовни операции ќе може да се закажуваат и по 14 часот.
Во Министерството за здравство потврдија дека се подготвува нов правилник за двосменско работење и за дежурствата, но не сакаат да откријат детали. „Деновиве овој материјал треба да биде презентиран на Влада, па потоа ќе се излезе со информација кои новини се подготвуваат во работата на клиниките и болниците“, ни рекоа од информативната служба на Министерството за здравство.
Правилникот, според неофицијални извори, направен е со цел на лекарите да не им се дозволи да дежураат повеќе од двапати во месецот или на годишно ниво ќе се гледа дежурствата да не надминуваат повеќе од 190 часа. Новата организација, велат промоторите, ќе биде во функција на подобра здравствена услуга, но и поодморени лекари. Зашто со 24-часовните дежурства, дежурните тимови се исцрпуваат, а и физички не можат да постигнат насекаде, и во операциона сала и да ги следат лежечките болни. Слична мерка се планира и за дополнителната дејност која, како и според законот, ќе се ограничи на 8 часа месечно. Односно, со ра��отата во две смени е замислено лекарите да немаат многу слободно време за дополнителна работа.
За да се реализира правилникот, направена и снимка на теренот, со оглед на тоа дека има болници каде што нема доволно кадар за здравствената установа да може да работи во две смени. Таму каде што нема доволен број вработени, дежурствата ќе се одвиваат по старо.
Разрешувањата на некои директори на клиниките кои поделиле екстремно високи плати преку грешните пресметки на бруто-платите, иако првично беа најавени за вчерашната седница на Владата, Министерството за здравство, сепак, ги одложи. Од Министерството за здравство велат дека прво ќе се вкрстат податоците на извештаите на болниците со тие на Фондот за здравствено осигурување за да се види дали и колку се набилдани платите. „Владата не ги поставува директорите, ниту ги разрешува, затоа на седницата ќе бидат разгледани само извештаите на болниците, а потоа Здравствениот совет ќе даде предлог кој директор ќе биде разрешен“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Доброупатени извори велат дека на тапет се десетина клиники, меѓу кои клиниките за гинекологија, онкологија, торакална хирургија, Институтот за рендгенологија, КАРИЛ... Некои од нив, како што дознаваме, можеби и ќе куртулат од разрешување, за што сепак последниот збор ќе го даде премиерот.
|