Кризна македонска музичка година
„’Струшка музичка есен‘ имаше потреба да и' се посвети на македонската музика“, вели Велика Стојкова, етномузиколог и селектор на манифестацијата
Тина Иванова
Викендов во Струга се одржа единствената манифестација што од научен аспект ја третира музиката, „Струшка музичка есен“, а која годинава беше посветена исклучително на состојбите во македонската музичка култура. Иако оваа манифестација повеќе од 35 години се одвива со предзнакот меѓународна, организаторот Сојузот на композиторите на Македонија, се одлучи ова издание да го посвети на македонската музичка култура, творештвото и исполнителството. Повеќе од 20 македонски музиколози, етномузиколози, византолози, медиевисти, педагози, дискутираа за се она што и се случува на македонската музика, со цел да се пронајде решение за некои од проблемите.
Етномузикологот Велика Стојкова, која неколку години наназад е селектор на „Струшка музичка есен“, вели дека е задоволна од течението на годинашното издание, и покрај тоа што годинава за првпат помина без гости од странство. „Повеќе од 35 години манифестацијата ’Струшка музичка есен‘ е единствена музичко-научна манифестација во Македонија која третира проблеми и теми од музичките научни дисциплини, музикологија, медијавистика, музичка педагогија, музичка критика, етномузикологија и други. Досега, манифестацијата имаше меѓународен карактер, со домашни и странски учесници, но изминативе две години, и покрај исклучително богатата и конструктивна средба, ние, македонските научници, почувствувавме потреба за научна средба која ќе обезбеди простор и време за дискусии кои ќе ги третираат домашните теми и проблеми. Таа потреба се совпадна и со финансиската состојба на глобално ниво, па така, со подршка од Министерството за култура, оваа година се одлучивме за ваква концепција на манифестацијата која сепак, беше комплетно во рамките на поставените стандарди и во научениот и во концертниот дел“, истакнува Стојкова.
Манифестацијата, и покрај тоа што третира стручни теми од областа на музиката, сепак не е од затворен тип, смета Стојкова, туку напротив, се отвора за сите институции и поединци од музичката област кои со своето учество би дале удел во наметнувањето на дискусии и прашања кои не засегаат сите нас и кои се отсликуваат во презентацијата на македонската музичка култура не само во Македонија туку и во странство.
Стојкова вели дека по завршувањето на манифестацијата сите учесници едногласно изразиле големо задоволство за учеството и ја оцениле средбата како многу успешна. „Она што беше цел на овогодишната средба, односно изнесувањето на сите проблеми со кои композиторите, музиколозите, етномузиколозите, музичките педагози и критичари се соочуваат во изминатиов ’транзициски‘ период, конечно беа поставени и гласно дискутирани и коментирани. Долгите дискусии не поштедија никого ниту од позитивна ниту од негативна критика. Се повикаа одговорни и релевантни институции кои би требало да заземат став и да ја сносат одговорноста за случувањата во музичката култура кои, како што се заклучи, не се ни оддалеку она што треба да бидат. Детално се дискутираа и поедини појави и проблеми, но се понудија и одлични решенија, бидејќи кога отворено ќе се зборува за еден проблем се даваат предлози од сите носители на музичката дејност и навистина се доаѓа до конструктивни идеи за можни решенија“, истакнува Стојкова.
Таа вели дека заклучокот од средбата годинава на „Струшка музичка есен“ е дека македонската музичка култура има сериозни и реални проблеми кои пред се потекнуваат од неповолната меѓуинституционална комуникација, но и од индивидуалната не-комуникација. „И покрај поддршката од Министерството за култура и Министерството за образование и наука, сепак се чини дека нема доволно комуникација помеѓу оние кои ја предлагаат програмата и оние кои ја реализираат. Тоа се однесува на сите сегменти, на изведувачката политика, педагогијата, музичката критика, подршката и стимулацијата на композиторската дејност и композиторите како поединци (овде не се мисли на нивната продукција, туку на програмската политика на релевантите институции и медиуми), отсуството на професионални кадри во комисии кои ги одредуваат програмите и проектите, состојбата во етномузикологијата и етнокореологијата во кадровската политика и нивно вклучување во сите јавни сегменти, состојбите во црковното пеење односно негова заштита, едукација и афирмација, состојбите во заштита на музичкото културно наследство и традиционално фолклорно, но и на современата музика (која произлезе дека е скоро очајна), состојбите во институциите и многу други проблеми“, вели Стојкова.
Како што кажаа и организаторите на пресот по повод одржувањето на СМЕ, не можат да се донесат брзи решенија за решавање на проблемите со кои се соочува македонската култура, но сепак тие може да се иницираат. Едно од решенијата кое се донело на манифестацијата е токму иницијативно дејствување во рамките на СОКОМ, кој како единствена институција која ги штити интересите пред се на композиторите, а потоа и на целата македонска музичка култура, ќе формира комисија во која ќе се вклучат лица од сите музички профили и ќе заземеме официјален став во кој ќе се искажат сите проблеми и можни решенија кои според дискусијата бараат итно решавање. „Со еден ваков официјален документ и став, планираме да се организираат јавни трибини, учества во медиуми, емисии и кампањи од областа на музичката култура, и секако прием кај релевантните институции и поединци кои можат да помогнат во надминување на проблемите. Сметаме дека единствено на ваков организиран и официјален начин може да се подигне нивото на свест и да се изнесат ставовите кои до сега се сведуваа само на лична комуникација“, вели Стојкова.
„По завршувањето на манифестацијата“, истакнува таа, „се почувствуваме растоварени. Конечно имаше атмосфера на одлична комуникација. За жал, не присуствуваа претставници од сите институции, но имаше претставници од сите области кои ги изнесоа проблемите. Затоа, би сакала да упатам апел пред се до музичките институциите (не само МОБ и Филхармонија, туку и до факултетите) кои не треба да се оградуваат од вакви манифестации, туку напротив, треба свесно да ги поддржуваат и да учествуваат во нивната подготовка и реализација. Треба да дејствуваме сите заедно, со различни или заеднички мислења и ставови, но конструктивно, во интерес на македонската музичка култура“.
За следното издание на манифестацијата Стојкова најавува неколку идеи и можни теми кои имено ги засегаат најгорливите теми, но од меѓународен карактер, а како најава, една од централните теми вели дека сигурно ќе биде од областа на македонското црковно пеење. |