Александар Стефаноски ќе настапи во миланска Скала
Младиот македонски оперски пејач Александар Стефаноски е прв Македонец што настапи на сцената на познатата миланска Скала. Тој на 28 февруари 2010 година ќе ја игра улогата на Свештеникот во операта „Куќата на мртвите“ од чешкиот композитор Леош Јаначек, под диригентска палка на Еса-Пека Салонен.
Операта е во копродукција со Wiener Festwochen, Холанд фестивал, Festival d’Aix en Provence и Метрополитен опера.
Александар Стефаноски првпат настапи во 2000 година во Македонската опера, во претставата „Дон Карлос“, во улогата на Депутатот. Музичкото образование го усовршил во класата на Нико Исаков од Бугарија, кој се смета за еден од водечките баритони во регионот, изградувајќи се како бас-оперски пејач. Дипломирал во 2004 година, а следната година стекнал звање магистер по оперско пеење. Добитник е на повеќе награди и признанија.
Во ноември минатата година тој одржа целовечерен концерт во Светската банка во Вашингтон, во рамки на Деновите на македонската култура во САД.
Миланската Скала е меѓу најголемите светски театри и постои од 1778 година. Во неа премиерно се изведени дела на композитори со светско реноме. |