Конференција за децентрализација на културата
Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“, во рамките на долгорочниот проект за децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија, Франција и Македонија, а како дел од проектната целина „Културна политика и културна размена“, денеска во 12,45 часот во просториите на „Мала станица“ ја реализира конференцијата на тема - „Децентрализација на културата во Република Македонија и Франција/Регион Долна Нормандија“.
На конференцијата ќе учествуваат градоначалници, претставници од јавните институции, советници, културни оператори, експерти за културна политика, претставници од министерствата за култура и локална самоуправа од Македонија и од Франција (Долна Нормандија), како и од регионалниот совет на Долна Нормандија.
Конференцијата ќе се одвива во две сесии: „Децентрализација во културата во Долна Нормандија и Македонија - улогата на културата и културна политика“ и „Партиципативните процеси на локално ниво и улога на културата во локалниот развој“.
Панелисти на сесиите се: Ален Лепарер, Александар Петрески, Арно Фонтен, Горан Петров, Изабел Лабиш-Митендорф, Јован Шурбановски, Клебер Архол, Клер Танги, Мари Кристин Офлак, Марк Потие, Мирјана Апостолова, Муса Џафери, Нада Пешева, Наташа Поплавска, Никола Гелевски, Раде Илиевски, Русе Арсов, Федерик Левеје, Сашо Богдановски. Модератори на сесијата се: Искра Гешоска и Биљана Тануровска-Ќулавковски, а проект координатор е Виолета Качакова.
Оваа конференција има за цел да информира за искуствата од процесот на децентрализацијата во културата во двете земји. Франција го воведува процесот на децентрализација во 60-те години од минатиот век, и искуствата од истиот процес се бројни. Македонија која го применува истиот модел на децентрализација во културата, процесот го започна од 2003 година со одлука на Владата за воспоставување на Мрежа на национални институции во полето на културата, со што започна процесот на децентрализација. (К.Р.) |