Скопскиот филмски фестивал го разби малерот
Публиката и Моцартовата музика ја исполнија салата, во која со филмот „Јас, Дон Џовани“ беше отворено 13. издание
Катерина Богоева
Стартот на тринаесетото издание на Скопскиот филмски фестивал, кое според најавите на организаторите требаше да го разбие малерот на затворени сали, завчеравечер ја привлече публиката, што беше пречекана со коктел, организиран во холот на киното „Милениум“.
Фестивалот го отвори италијанско-шпанскиот филм „Јас, Дон Џовани“ на режисерот Карлос Саура, а пред музиката на Волфанг Амадеус Моцарт да се распостели во исполнетата сала, публиката со пригодни обраќања ја поздравија, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерката за културам Елизабета Канческа-Милевска и организаторот на фестивалот, продуцентот Иво Антов.
Филмската приказна за либретистот Лоренцо да Понте, автор на славните Моцартови опери „Дон Џовани“ и „Свадбата на Фигаро“, го задржа вниманието на публиката, иако по завршувањето можеа да се чујат и коментари дека токму таков вид филм и не е соодветен за отворање фестивал.
Очекувано, најголем дел од публиката ја чинеа млади луѓе, можеа да се видат дел од постарите почитувачи на филмот, но без разлика на годините, поради актуелната забрана за пушење, пушачите по проекцијата брзо ја напуштаа салата и пред вратата со цигара си ги разменуваа впечатоците.
Вечерва на фестивалската програма во Кинотека на Македонија во рамките на ретроспективата организирана по повод 90-годишнината од раѓањето на славниот Фредерико Фелини, ќе биде прикажан и неговиот филм „Пробисвет“, во чии главни улоги се јавуваат Бродерик Крафорд, Џулиета Месина и Ричард Бејсхарт.
Во киното „Милениум“ во рамките на специјалната програма, почнувајќи од 18 часот ќе бидат прикажани три филма: „Времето што преостанува“, во режија на Елија Сулејман, „Соул кујна“ на Фатих Акин и „Гласник“ на Орен Муверман.
„Времето што преостанува“ е филм што бил номиниран за наградата „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал и е најавен како прекрасна фузија на политиката и личноста, на историјата и хистеријата. Дејството во него се случува од 1948 година, па до денес, а филмот го следи животот на ед��о обично семејство во необични времиња. Филмот „Соул кујна“ е комедија, наградена на Венецискиот фестивал со специјална награда на жирото. Во соул кујната (еден огромен склад во кој храната е спектакуларно лоша, но, сепак, може да се јаде), еден ден готвачот меша во јадењето некаков афродизијак од Перу, по што започнува забава со баханалии.
Номинираниот за Оскар, „Гласникот“, претставува моќна и нежна приказна за воениот херој, Вил (Б.Фостер), кој се враќа дома од мисијата во Ирак и ги прави првите чекори кон нормалниот живот. Филмот ја внесува публиката во внатрешниот живот на навидум челичните херои за да им ја открие нивната кршливост кога се работи за сочувство или за достоинство.
Во киното „Фросина“ во 22 часот, ќе започне прикажувањето на првиот, од планираните музички документарни филмови.
Публиката во рамките на фестивалот годинава доби и можност секоја вечер со почеток во 21 часот во Старата скопска чаршија, во кафулето „Дамар“ да проследи проекции на реклами од познати режисери, анимации и скејт-видеа. |