Дуото Потевска-Џорлева на турнеја во Србија
Пијанистките ќе изведат две дела од Димитрие Бужаровски
Пијанистичкото дуо Емилија Потевска и Татјана Џорлева од денеска до 25 април ќе одржи рецитали во Србија, во градовите Ниш, Нови Сад и Шабац. На програмата ќе бидат две дела од композиторот Димитрие Бужаровски: „Сиот тој танц“ оп.39 и „Четири ноктурна оп.52б“, кои се дел од неговиот понов опус и досега повеќепати се изведени во земјата и во странство.
Концертот во Нови Сад ќе се одвива во рамките на фестивалот на актуелна музика „Интерзоне“, каде што на 24 април, во тамошниот Музеј на современата уметност Бужаровски ќе одржи и предавање на тема: „Музика футура“.
Делото „Сиот тој танц“ е изработено врз две теми кои варираат низ пет суити, поставени во различни стилски периоди: ренесанса, барок, класицизам, романтизам и 20 век. Претставува мини енциклопедија на западната музичка култура, следејќи ја историјата на формите, музичките материјали, хармонскиот јазик, полифонијата, пијанистичката техника, динамиката и агогиката.
„Четирите ноктурна оп.52б“ се базирани на популарни народни македонски песни, при што во прв план се јавува виртуозноста на инструментот донесена низ мултистилистичкиот и мултижанровскиот пристап, една од основните карактеристики на творештвото на Бужаровски во изминатите неколку децении. Пијанистките Емилија Потевска и Татјана Џорлева се доценти на Факултетот за музичка уметност во Штип и досега веќе имаат многубројни заеднички настапи во земјата и во странство. Добитнички се на Првата награда на пијанистичкиот натпревар во Барлета, Италија.
Со истата програма како во Србија, во мај ќе настапат и во Софија и Белград. (К.Б.) |