„Храм“ на Василевски и на руски јазик
Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Книгата на македонскиот академик, поет, критичар и преведувач Ристо Василевски „Храмот е сепак храм“ деновиве е објавена и на руски јазик. Московската издавачка куќа „Окоем“ ја претстави книгата на Ристо Василевски во превод на Олга Пањкина, која одамна докажа дека е одличен познавач не само на македонскиот јазик туку и на македонската култура.
Делата на Ристо Василевски веќе им се познати на читателите во десетина земји, меѓу кои е и Русија. Тие беа објавени во антологии и периодични изданија.
Сега првпат е објавена како одвоена книга со стихови на руски јазик од македонскиот поет Василевски. Интересно е тоа што во поетскиот зборник „Храмот е сепак храм“ во руска варијанта е вклучен и превод на стиховите посветени на познатиот руски Нило-Столобенски манастир.
На кориците на книгата од руското издание се наоѓа токму фотографијата на Нило-Столобенскиот манастир кој на почетокот од 20 век го снимил рускиот фотограф Прокудим Горски. Во Русија тврдат дека тоа е една од првите колор фотографии на светот.
Преведувачот Олга Пањкина во предговорот истакнува дека поезијата на Ристо Василевски се одликува со лирика и носи силно изразен филозофски карактер.
Вредно е да се истакне дека преведувачот Олга Пањкина одамна успешно ги преведува македонските поети и други литерати на руски јазик. Благодарение на преводите на Олга руските читатели се запознаа со творештвото на десетина македонски поети и други писатели. Да потсетиме дека неодамна на руски јазик беа објавени книгите на Живко Чинго романот „Големата вода“, како и „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Освен тоа објавен е и „Зборник приказни од македонски писатели“ во кој се претставени повеќе од 50 автори од Македонија. |