Пуштен автопатот од Прешево до Македонија
Премиерот на Србија, Мирко Цветковиќ, завчера ја пушти во сообраќај новата делница од автопатот Прешево-Левосој, кој е дел од Коридорот 10, кон границата со Македонија. Делницата што се градеше една година е долга 21,5 километри, а нејзината изградба чинеше 13,1 милиони евра.
Станува збор за објект од големо значење за меѓународниот сообраќај во Србија, со оглед на тоа што оваа сообраќајница е една од најоптоварените делници на Коридорот 10 низ Јужна Србија кон Македонија, преку која годишно минуваат околу шест милиони патници и повеќе од милион товарни возила. Со пуштањето во работа на овој автопат значително се скратува патувањето низ Србија кон Македонија.
Колкаво значење во Србија доби овој реализиран проект, најдобро говори присуството на речиси целата српска влада на свеченото предавање во употреба на новата делница. Тоа воопшто не зачудува ако се знае дека токму таа е дел од автопатот од Лесковац до македонската граница. Со нејзината целосна изградба и поврзувањето на веќе изграденото автопатско решение од Ниш до Белград драстично ќе се забрза патувањето кон најјужниот дел на Балканот, односно кон Грција.
Дотолку повеќе што во Србија во тек е и изградбата и на други делници од овој Паневропски коридор, како што се делниците Хоргош-Нови Сад, со должина од 108 километри, 47,5 километри обиколницата на Белград, како и делот од автопатот од Ниш до Димитровград. Вкупната вредност на сите овие проекти, кои се дел од Коридорот 10 во Србија, изнесува 1,72 милијарди евра. (Б.А.) |