Уставниот суд го „преслушува“ прислушувањето
Судот вчера отвори расправа за десет оспорени члена од Законот за следење на комуникациите
Уставниот суд на вчерашната седница расправаше за десет оспорени члена од Законот за следење на комуникациите, за кои се поставија дилеми дали тие се во согласност со Уставот.
Содржините на оспорените одредби се однесуваат на правата и обврските на истражен судија, јавен обвинител и Министерството за внатрешни работи во врска со следење на комуникациите (писмата, телефонските разговори и електронската пошта на граѓаните) во однос на кривичните дела.
Аспектите од кои се оспоруваат одредбите се однесуваат на тоа дали со конкретните правила не се доведува во прашање уставно загарантираното право на граѓаните на приватност, на личниот и семејниот живот. Потоа, дали не се доведува во прашање недопирливоста на сите облици на комуницирање на човекот и граѓанинот, кое е дел од приватноста, достоинството и угледот на човекот, како и тоа дали не се доведува во прашање неповредливоста на домот.
Иницијативата, која е поднесена во 2008 година, е од тројца пратеници од Собранието, членови на Нова социјалдемократска партија.
Во расправата на судот се отворија дилеми, како на пример дали предвидувањето да постои усмено барање од обвинителот до истражниот судија за следење комуникации не го доведува во прашање некое од уставно загарантираното право на гарѓанинот за приватноста, достоинството и угледот на човекот, неповредливоста на домот... Како дилема во расправата се отвори прашањето дали со предвидувањето можност да се продолжи следењето на комуникациите по истекот на 30 дена на нов период до една година не се доведува во прашање некое од уставно загарантираните слобода и права на граѓанинот.
Во текот на расправата се о��вори и прашањето за тоа дали измените на Законот за следење на комуникациите извршени во 2008 година се донесени со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, како што определува амандманот 19, став 3 од Уставот. При таа дилема расправата се одложи со заклучок на судот да се изврши проверка по наведениот факт, по што расправата ќе продолжи. Проверката ќе се изврши со писмен допис до Собранието, во кој судот ќе бара доказ на фактот, односно записник од собраниската седница за тоа дали измените се донесени со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
Уставниот суд вчера поништи два прописи на Општина Кисела Вода, едниот од 2007 година, а другиот од февруари оваа година, а со кои се предвидува присуството на претходните советници на седници на работните тела (комисии) во општината да се плати со задржување лаптопи. (П.Р) |