Се клацкаат во воз, немаат пари за автобус
Македонските патници со низок стандард се подготвени за малку пари да патуваат и двојно подолго до иста дестинација
Сања Наумовска
Воз или автобус? Прашање на вкус, желба, комоција или, пак, на цена и брзина. За едни возот е секогаш вистински избор, можност патувањето да биде комотно, удобно, интересно, да се запознаат луѓе, да се убие досадата со разговор или да се протегнат нозете за да се скрати времето. Други, пак, не би ни помислиле да влезат во воз, да се клацкаат со часови, да застануваат на секоја бандера.
За нив автобусот е закон, почист, побрз и поедноставен начин на патување. „Седнуваш во автобус на станица и се симнуваш во градот каде што си се упатил, нема симнувања, трчање по перони, менување вагони, паузи на секој чекор“, се нивните аргументи.
Во Македонија, во возовите има најмногу млади луѓе. Поради веќе спомнатите причини, но многу повеќе и поради попривлечните цени. Ученичкиот и студентскиот стандард е тенок, се штеди на се', па и на превозот. За нив има и посебни ученички и студентски попусти со кои билетот излегува многу поевтин. Губејќи го, полека низ годините, приматот на превозно средство број еден, железницата со ниските цени се обидува да остане конкурентна. Целни групи што добиваат специјални попусти во последниве години се и пензионерите, невработените до 26 години, па дури и новинарите. „Со легитимација, со која се потврдува припадност на овие групи, цената на билетот паѓа речиси двојно од оној за автобус“, велат од нашите железници.
Многумина, на кои финансиите им се проблем, поради попустот се подготвени да патуваат и двојно подолго време до саканата дестинација. Наместо за четири или за пет часа со автобус, до Солун со воз се патува и повеќе од шест часа. До Белград со автобус се доаѓа за шест или седум часа, а со воз за девет или повеќе. Кај подалечните дестинации, како што е Загреб, на пример, клацкањето е уште подолго, до 20 часа, за разлика од автобусот што дотаму стасува за 12 часа. Но, кај поголем број македонски патници и ова не е проблем. Тие се подготвени со своето време да ги компензираат финансиите што и им недостасуваат. Подготвени се да замижат и пред нечистотијата и лошите услови во старите вагони на нашата железница.
Од друга страна, пак, транспортните компании во последниве години многу инвестираа во подигнувањето на квалитетот на услугите во меѓуградскиот автобуски превоз. Од автобусите од типот „кој тоа таму пее“, во кои се возевме со децении, македонските патници денес уживаат во модерни возила со музика, филмови и бесплатен сок. Превозот доби на квалитет и, секако, во брзина, но се зголемија и цените.
Сепак, можноста за избор дали ќе патуваат со воз или со автобус ја немаат сите граѓани. Железнички линии има кон градовите од централниот и од југоисточниот дел од земјата, како и до Кичево на запад. Автобуски линии, пак, има до сите градови низ државата.
„Ако од Скопје до Битола, во еден правец, со автобус се патува за 470 денари, повратниот билет за воз е 335 денари. Математиката е едноставна, ќе висам во воз по четири или повеќе часа, иако со автобус можам и за 2,5 часа да дојдам до Битола“, вели еден студент, кој многу често патува на оваа релација.
Ист е случајот ако патувате и до Гевгелија. На скопската Автобуска станица билетот за еден правец ќе го платите 320 денари, а само стотина метри подалеку, на Железничката станица билетот за воз чини 185 денари. Најголемата разлика е веро��атно кај најкусата релација од Скопје до Велес, со автобус се патува за 110 денари, а со воз за 120, но во двата правца. Разлики во цените има и кај меѓународните релации кон Солун, Белград и Загреб. На југ до Солун со воз се патува секој ден за 757 денари. Со автобус, пак, само во понеделник, среда и во петок и тоа за 1.280 ��енари. За Загреб цената е 3.025 денари, односно 3.150 за автобуски билет. Единствено за Белград билетот за воз е поскап од автобускиот, па цената за воз во еден правец е 1.426 денари, додека автобускиот превоз чини од 1.300 до 1.400 денари. |