Не се делат од колите
Близу половина од граѓаните на Македонија возат автомобил, најмногу оние на возраст од 35 до 44 година, а најмалку постарите од 65 години. За 42 отсто од испитаниците поскапувањето на нафтените деривати не влијаело на тоа колку често ќе го користат автомобилот, додека 36 проценти се изјасниле дека го користат автомобилот поретко. Овој процент е повисок кај граѓаните со вкупни месечни приходи до 24 илјади денари, додека кај оние со повисоки приходи од 48 илјади, изнесува 15 отсто. Истражувањето на ГФК за користење на автомобилот покажало дека 44 отсто од Македонците користат автомобил. Мажите возат значително повеќе - 63 отсто, а жените 26 отсто. Дванаесет отсто од граѓаните се изјасниле дека годинава размислуваат да купат автомобил. За 59 отсто од потенцијалните купувачи, поскапувањето на нафтените деривати има влијание во нивното размислување за купување автомобил со помала потрошувачка, додека за една третина од поскапувањето не влијае врз нивните размислувања за купување автомобил. (МИА) |