Фудбалски вести

Македонската врска ја крева Црвена звезда
Во мечот од шеснаесетфиналето од Купот на Србија, Црвена звезда го совлада Раднички во Ниш со 3:0, а весникот „Блиц“ текстот за мечот го објави со наслов „Македонската врска ја крева Црвена звезда“, мислејќи на тренерот Чеде Јаневски и на стрелецот на првиот гол уште во седмата минута Иван Тричковски.
Инаку, овој натпревар имаше неколку прекини поради истакнувањето на транспарентот „правда за Урош“ (Урош Мијиќ, навивачот на Црвена звезда кој е осуден на 10 години затвор поради напад на полицаец). Таа затворска казна отвори голема дебата во Србија, за тоа дали казната е престрога или не. Но, Фудбалскиот сојуз на Србија стои цврсто на ставот дека такви транспаренти не смее да се истакнуваат, бидејќи значат дека се брани насилството.
Хет-трик на Ван дер Варт, Хихон „извлече“ седумка!
Нова катастрофа на Спортинг Хихон! Новиот прволигаш по поразот од Барселона на свој терен од 6:1, сега на гостувањето кај Реал Мадрид доби гол повеќе 7:1!
Официјалниот шампион за еден час игра даде шест гола, а расположениот Ван дер Варт реализира три од нив. Но, сепак, како момент на натпреварот заслужено сите светски медиуми го одвоија голот на Раул. Капитенот на Реал покажа зошто е мајстор над мајсторите, кога на додавањето на Савиола го лобуваше 193 см високиот голман на гостите. „Ова беше феноменален натпревар, среќни сме кога нашите навивачи може да уживаат вака. Се чувствувам одлично и сакам да играм уште три години, а потоа ќе видам дали ќе ја продолжам кариерата“, изјави Раул, чија кариера трае 14 години и досега запиша 662 настапи и постигна 294 гола (повеќе од него има само Ди Стефано 307). Раул постигна уште еден гол на овој натпревар, а на листата на стрелците се запишаа и Робен и Игуаин.
И Барселона славеше на свој терен над Бетис, но можеше за малку да си дозволи од готово вересија. Имено, Барса водеше со 2:0 по првиот дел со головите на Ето во 17 и 23 минута, но во вториот дел само за осум минути дозволи да ја загуби предноста (Монзон 59 мин. од слободен удар и Хозе Мари во 67). Новиот тренер Гвардиола на клупата си ги изеде нервите, но делуваше разумно. Ги внесе во игра Кркиќ и Гудјонсен, кои внесоа дополнителен притисок, а токму напаѓачот на Исланд и ја донесе победата со голот во 80 минута.
Резултати од 4. коло: Барселона - Бетис 3:2, Осасуна - Депортиво 0:0, Вилјареал - Сантандер 2:0, Гетафе - Атлетико Мадрид 1:2, ��еал М. - Спортинг Хихон 7:1, Севилја - Еспањол 2:0. Табела: Вилјареал 10, Реал М. 9, Атлетико М. 9, Севилја 8, Барселона 7.....
Реднап го нарече Балак измамник
Тренерот на Портсмут, Хари Реднап, гневно го коментираше Лига куп мечот против Челзи, во кој неговиот тим загуби со 0:4. Реднап цела вечер се враќаше на ситуацијата во 36 минута, кога судијата поради фаул над Михаел Балак досуди пенал за гостите, по кој поведоа со 1:0 (Франк Лампард). „Балак се фрли и можам да го наречам измамник и актер. Ја гледав неколку пати снимката. Тоа е срамно. Не беше ниту фаул, ниту пенал. Ништо!“, рече Реднап.
Сисоко исцрпен поради Рамазан
Играчот од средниот ред на Јувентус, Мохамед Сисоко, јавно им се извини на своите соиграчи поради лошите игри, барајќи оправдување во муслиманскиот свет месец Рамазан.
Сисоко е муслимански верник, а Рамазан, како што е познато, е едномесечен пост, што значи воздржување од пиење и јадење, сексуални односи, лоши зборови и останати работи забранети во Исламот. Сисоко така пости од утро па се' до заоѓањето на сонцето. „Многу сум заморен. Свесен сум дека не сум на ниво“, изјави Сисоко, кој на завчерашниот меч со Катанија беше на клупата.
Мечот Њукасл и Тотенхем не го интересираше никого
Тотенхем успеа да го совлада Њукасл на негов терен во Лига купот со 2:1, а првиот свој гол го постигна 14 милиони фунти платениот Роман Павличенко, кој има неблагодарна работа да го замени Димитар Бербатов. Вториот гол за Тотенхем го постигна Охара, додека почесниот за Њукасл го постигна Мајкл Овен.
Како и да е, откако во последните 15 години овие два клуба потрошија 700 милиони фунти, а за возврат добија два „мали трофеи“, Њукасл и Тотенхем сезонава тргнаа со исти амбиции, но и со катастрофално бодовно салдо. Њукасл има четири, а Спарси само пет бода. Тој ужасен старт привлече неверојатно малку гледачи за тамошните критериуми: едвај 20.000, што е наедно неславен рекорд - најмала посета на официјален натпревар откога пред 10 години капацитетот на „Сент Џејмс Парк“ е зголемен на 52.000.
Резултати од Лига купот: Астон Вила - Квинс Парк Ренџерс 0:1, Блекбурн - Евертон 1:0, Брајтон - Манчестер Сити 2:2, Ипсвич - Виган 1:4, Њукасл - Тотенхем 1:2, Портсмут - Челзи 0:4. |