Првата лига без Шутова и Лешок, виси и Лирија
Сашко Ѓ. Димовски
Првата машка одбојкарска лига во новата сезона ќе брои седум клуб, а на неполн месец пред стартот не е исклучена можноста за дополнително осипување, ни потврди генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ. Лани лигата имаше девет екипи, а сега се откажа тимовите на Шутова од Кичево и Лешок поради немање финансии. Речиси комплетниот играчки кадар на кичевци се распадна, дел од одбојкарите заминаа во Безбедност, дел се вратија во Велес, од каде што дојдоа во Кичево. На работ на егзистенција е и Лирија. Стартот на шампионатот е на 18/19 октомври, а ако и Лирија се повлече, ќе останат само Работнички Фершпед, Џио Струмица, Вардар Осигурување, Шкендија УШТ, 11 Октомври и новиот член, полицискиот одбојкарски клуб Безбедност) кои ќе играат по четирикружен систам. Почетокот на првенството кај девојките е закажан за 11/12 октомври и ќе учествуваат осум клуба (Форца Волеј, Работнички Фершпед, Македонија Макс, Борец Комерлинг, Бами Кор, Љуботен Лифтер Трејд, Крушево 06 Голдтекс и Вардар).
ОФМ прави напори да им помогне на Џио Струмица и 11 Октомври во организацијата на најавените турнири од меѓународен карактер. На 4/5 октомври ќе се одржи 3. Меморијал „Борис Трајковски“ во Струмица, а прилепскиот прволигаш ќе биде домаќин на турнир на 11/12 октомври во чест на државниот празник 11 октомври. |