Хипо падна на „Кале“ како во старите добри времиња

Ѓорчепетровки славеа со 26:22 во дуелот од Регионалната лига
Осумкратниот европски првак Хипо Нидерестерајх, како и многу пати претходно, си замина поразен од „Кале“ и во средата навечер, овој пат со 26:22 од Ѓорче Петров во рамките на петтото коло од женската ракометна Регионална лига. Сепак, за разлика од порано, новиот судир на поранешните освојувачи на Лигата на шампионите го следеа драстично помалку гледачи, одвај околу 500, и покрај отворените врати на СРЦ „Кале“.
Хрватката Крижанац со своите 20 одбрани беше најзаслужна за победата со која ѓорчепетровки потсетија на славните времиња и доаѓа како мелем во ситуација кога се' уште е неизвесна иднината на клубот по заминувањето на долгогодишниот главен спонзор „Кометал“. По израмнетото прво полувреме, домашните ракометарки во средината од вториот дел првпат создадоа чувствителна разлика од три гола (18:15), која на три минути до крајот порасна на недостижни плус шест (26:20).
Четвртиот стрелец во Лигата, Едуарда Аморим, во овој меч „чесно“ се изнапромашува, погодувајќи само три пати од 11 обиди, но тоа со својата ефикасност го надополни Драгица Кресоја со ефект 7/9 во нападот. Кај гостинките се издвоија Бразилките Пиедаде и Мескита со по шест погодока, при што првата со максимална прецизност.
Резултати од петтото коло: Локомотива - Љубушки Лидо осигурање 40:22, Будуќност Т-Мобиле - Подравка Вегета 34:30, Ѓорче Петров - Хипо Нидерестерајх 26:22. Крим Меркатор - Раднички Петрол одложено. Табела: Будуќност 10, Подравка 6 (-1), Хипо 4 (-1), Ѓ. Петров 4 (-1), Локомотива 4, Крим 2 (-1), Раднички 0 (-5), Љубушки 0 (-1).
Ѓорче Петров - Хипо Н. 26:22
Полувреме: 11:12. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Павичевиќ и Вуисиќ од Црна Гора. Седмерци: Ѓ. Петров 1/2, Хипо 1/3. Исклучувања: Ѓ. Петров 6 мин., Хипо 2 мин.
Ѓорче Петров: Крижанац (19+1 одбрани), Треноска, Николовска, Поповиќ 4, Е. Ѓорѓиевска 2, Кресоја 7, А. Аморим, Пецевска 2, Бајрамовска 3, Портјанко 5, Младеновска, Е. Аморим 3, Д. Ѓорѓиевска, Штериова, Стојковска. Тренер: Владимир Глигоров.
Хипо Нидерестерајх: Енглерт (14+1 одбрани), Блажек, До Насименто 3, Пиедаде 6, Киршнер, Лерант 2, Ким, Ох, Тот, Турнер, Плак, Мјунг 2, Мескита 6, Аќимовиќ 3. Тренер: Андраш Немет. (Р.Д.) |