Мумин сигурен патник за Ливерпул

Македонија на ЕП најверојатно ќе има уште двајца боксери
Миодраг Мицковиќ
Најдобрите македонски боксери веќе седум дена во Скопје се на заеднички подготовки за настап на меѓународните турнири во Тузла и Бања Лука кои ќе бидат последен филтер пред Европското првенство што ќе се одржи во Ливерпул од 5 до 15 ноември. На подготовки се Бојан Ристовски (Охрид) и Адетар Скендери (Синди) во категорија до 69 кг., Илчо Јоновски (Охрид) и Фатлум Жута (Синди) до 75 кг, Димитар Ташков (Баргала) до 91 кг и Примислав Димовски (Скопје) над 91 кг.
На подготовките не се наоѓа нашиот најдобар боксер Вели Муми, кој заедно со репрезентативците на Бугарија тренира во Софија за ЕП, бидејќи тој е сигурен патник. Покрај него, Македонија најверојатно ќе има уште двајца боксери на најголемата боксерска приредба во Европа.
За првпат по подолго време нашите најдобри боксери имаат заеднички подготовки, тренираат но не во најдобри услови во веќе руинираната сала на БК Скопје во Автокоманда, во која поради неплатени сметки е исклучена водата. Сепак, задоволни се, со оглед на тоа дека имаат обезбедено исхрана во ресторанот „Томини“ во состав на Феријалниот дом, каде и спијат.
„Преку спонзори и пријатели успеавме да обезбедиме средства за овие заеднички подготовки“, вели претседателот на Боксерската федерација, Војо Насевски. „Не' очекуваат значајни турнири во Тузла и во Бања Лука, а потоа и ЕП во Ливерпул. Иако е се' уште рано, сепак, овие подготовки се почеток на нов четиригодишен олимписки циклус. Се бориме со многу проблеми, најмногу финансиски, но се надевам дека во најскоро време ќе биде реализирана националната програма за развој на спортот“.
По подготовките во Скопје боксерите ќе заминат на меморијалниот турнир „Аца Станковиќ“ во Тузла од 2 до 5 октомври, а потоа и во Бања Лука на меморијалот „Радован Бихиќ“ од 9 до 12 октомври. Во Босна и Херцеговина сигурно ќе настапат Ташков и Димовски, но не и Мумин, бидејќи организаторите во програмата немаат предвидено настап во категоријата до 48 кг.
Годинашниот „Златен гонг“ е поместен за 22-24 ноември поради ЕП. Ќе бидат испратени покани до боксери од 10 држави, а се предвидува дека годинава и наградниот фонд ќе биде двојно побогат од минатата. |