Гран-при за претставата „Ма и Ал“ на фестивалот „Скупи“
Словенечката претстава „Ма и Ал“ на „Мини-театарот“ од Словенија доби Гран-при на „Скупи фестивалот“, кој се одржа од 3 до 9 ноември во МНТ. Претседателката на жирито, Хана Ландес, сценографка од Германија, рече дека оваа претстава во режија на Ивица Буљан, била најкомплетна претстава на фестивалот, односно понудила комплетно доживување со многу емоции. Наградата изнесува 40.000 денари.
Годинава, на четвртото издание на фестивалот, учествуваа осум претстави од седум земји, кои ги оценуваше тричлено жири, чии членови беа: режисерот Синиша Евтимов и Шкелзен Халими, драматург од Македонија. Како што изјави Синиша Ефтимов, општиот заклучок бил дека претставите биле многу различни меѓу себе, но многу возбудливи. „Не беше лесно да одлучиме која претстава ги исполнува сите елементи и ги задоволува сите основни театарски критериуми. На крај се одлучивме за ’Ма и Ал‘, бидејќи тоа е претстава што отскокна со својата енергија и панк-филозофија“, рече Ефтимов, додавајќи дека оваа претстава и во драматуршка смисла и во поглед на актерската игра успеала да ги освои нивните срца.
Пред почнувањето на фестивалот организаторит�� најавија дека овој фестивал, кој секоја година се одржуваше на различно место, поради незаинтересираноста на Албанскиот театар, каде што и почна, во следните четири години ќе се одржува во МНТ. Уметничкиот директор Сенко Велинов изјави дека фестивалот и натаму ќе го задржи меѓународниот предзнак, со тоа што во иднина претставите ќе конкурираат сами. Нивната замисла е трошоците за доаѓањето на фестивалот да ги сносат самите театри, а висината на наградата во иднина да се зголеми на околу 20-30 илјади евра. „Овој фестивал во сите овие години покажа дека има тенденција да воведува нови работи и се надевам дека тоа ќе го прави поинтересен“, додаде Велинов. (С.У.) |