Ново ЦД со тенорот Благој Нацоски
Деновиве, во издание на дискографската куќа „МП-класикс“ од Рим, Италија, излезе најновиот, четврти носач на звук на македонскиот тенор Благој Нацоски. Станува збор за ЦД што содржи снимка од светската премиера на вокално-инструменталните дела „Те Деум“ и кантатата за тенор, хор и оркестар под наслов „Скриена хармонија на различни убавини“ од Флавио Колусо, одржана на 30 декември 2008 година во Рим. И двете дела се посветени на 150-годишнината од раѓањето на италијанскиот мајстор на операта Џакомо Пучини, односно кантатата е инспирирана од аријата на Каварадоси од операта „Тоска“, додека „Те Деум“ е елаборација на кусиот „Те Деум“ од вториот чин од истоимената опера.
Цедето на кое учествува Нацоски, еден од најафирмираните македонски тенори од помладата генерација што живее и работи во Рим, следува по двете ДВД-изданија за „Дојче грамофон“ и ТДК, како и ЦД за „Динамик“.
„Ме радува фактот што ќе остане траен запис и од овој концерт. Историјата ќе покаже дали тој ќе има успех и ќе заземе свое место во светската музичка литература, а доколку е така, особена чест ќе ми биде што бев дел од неговата светска премиера и од неговата прва снимка“, вели Нацоски.
Последните остварувања на Благој Нацоски се настапите во Националниот театар на Моравија и Шлезија во Острава, Чешка, толкувајќи го ликот на Линдоро во операта „Италијанка во Алжир“ од Џоакино Росини, како и концертот што го одржа со оркестарот „Бенедето Марчело“ во Терамо, изведувајќи ја „Берлинска миса“ од естонскиот композитор Арво Перт. (Т.И.) |