Канскиот лауреат „Чичко Бонме...“ ќе го отвори „Синедејс“
Фестивалот прави кампања за враќање во киносалите и секој што ќе донесе пиратско ДВД ќе добие билет за 50 наместо за 150 денари
Денеска во 20 часот во киното „Милениум“ со премиерата на тајландскиот филм „Чичко Бонме се сеќава на минатите животи“ на Апичатпонг Верасетакул ќе се отвори 9. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Станува збор за годинешниот кански победник, интимно и фантазмагорично патување на еден средовечен човек кој се соочува со смртта. На прашањето до претседателот на годинешното жири, Тим Бартон, зошто „Златната палма“ му ја дадоа на овој филм, иако имаше подобри од него, рече дека другите филмови биле нешто вообичаено и веќе видено, а дека ова надреално остварување го одушевило со својата фантазија.
Покрај „Чичко Бонме...“ на фестивалот „Синедејс“, кој ќе трае до 18 ноември, ќе видиме повеќе филмови од фестивалите во Кан и во Берлин, а се' на се' најавени се шеесетина наслови. Меѓу нив се новите остварувања на Вуди Ален, Мајкл Винтерботом, познатиот француски новобрановец Жан Лик Годар, како и еден од најинтересните поранешни југословенски автори Рајко Грлиќ. Програмата е поделена во шест програмски целини, каде што покрај главната програма, гала програмата и „Балкан линк“, се и програмите на кратки филмови и на музички документарци. А најавени се и свирки секоја вечер по завршување на филмската програма. Така, за отворањето предвидено е финишот да помине во знакот на Тони Китановски и „Черкези“.
Фестивалот годинава ќе се одржува во „Фросина“ и во „Милениум“. Ново и најатрактивно е дека ќе се воведе автокино, кое ќе биде сместено на познатиот видиковец на Водно. Додека мотото, кое е поврзано со кампањата на фестивалот, гласи „Чувство на добар филм“. Пораката и идејата е незаменливото чувство да се гледа филмот во киносала, а кампањата се состои од тоа дека секој гледач кој ќе донира пиратско ДВД ќе добие билет за 50 наместо за 150 денари. Фестивалот ќе се затвори со годинешниот берлински лауреат, турскиот филм „Мед“ на Семи Капланоглу. (С.У.) |