Дела за виолина со Македонската филхармонија
Вечерва во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи Симфониски концерт на кој како солист ќе настапи белгискиот виолинист Јосиф Иванов. Диригент е Тошихиро Јонезу од Јапонија кој ќе дебитира со оркестарот на Македонската филхармонија. Ќе бидат изведени делата за виолина - „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс, „��иганка“ од Морис Равел и „Медитација“ од операта „Таис“ од Жил Масне, како и увертирата „Римски Карневал“ од Хектор Берлиоз, „Баханалии“ од операта „Самсон и Далила“ од Сен-Санс и Унгарска рапсодија бр. 2 од Франц Лист.
Јапонскиот диригент Тошихиро Јонезу (1972) често соработува со Словенечката филхармонија, тој е избран за заменик диригент на овој оркестар. Учествувал на повеќе мајсторски курсеви по диригирање во Европа, а неговите настапи се бројни, особено низ Јапонија.
Виолинистот Јосиф Иванов патот кон музичката слава го трасира откако победува на неколку значајни натпревари за млади виолинисти. На само 16 годишна возраст ја освојува првата награда на Интернационалниот натпревар во Монтреал, станувајќи еден од најмладите победници на овој натпревар. Концертната кариера го носи на подиумите на голем број престижни концертни сали. Во ноември 2006 година неговото прво ЦД ја доби наградата „Дијапазон Д’Ор“ („Златен дијапазон“) за најдобро издание на годината во Франција. Во 2008 излезе неговото второ ЦД на кое соработува со пијанистот Итамар Голан. Иванов свири на виолина Страдивариус, изработена во 1699 година, дадена на користење од здружението „Страдивариус“ во Чикаго. (Т.И.) |