Број 3429  четврток, 11 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter
Култура

ИНТЕРВЈУ

Користам јазик што можат да го разберат сите во светот

Игор Василев-Новоградска

Обработување народни песни е деликатна задача: автор на музиката за филмот „Мајки“

Тина Иванова

Игор Василев-Новоградска е автор на музиката за „Мајки“, најновото филмско остварување на Милчо Манчевски. На потесната музичка јавност псевдонимот Новоградска и' е познат одамна. Игор Василев (басист, композитор и аранжер) е годиниве наназад еден од креаторите на македонската електронска сцена, беше дел и од поп-сцената, беше член на неколку македонски групи, а во последно време тој е басистот на најновата колаборација меѓу германскиот вокалист Александар Велјанов (фронтменот на германската група „Дајне Лакајн“) и Горан Трајковски (екс „Анастасија“ и „Мизар“). Со „Порта Маседонија“, најновиот албум на овој состав, Новоградска ја прошета Германија на успешна концертна турнеја. Изминатиов месец го запозна и пошироката јавност преку „Мајки“, за што всушност зборува во ова интервју:

По „Анастасија“ и „Пред дождот“, Кирил Џајковски и „Прашина“, Рајан Шор и „Сенки“, музиката за четвртиот филм на Манчевски ја потпишуваш ти. Како дојде до соработката, со оглед на тоа што твојот минат музички труд е самостоен, независен, не е врзан за филмската, ниту пак, за театарската уметност?

Нашата соработка почна со рекламата „Македонија вечна-археологија“ за која исто така направив музика. Иако мојата работа не е постојано врзана за филм или театар, имам работено на повеќе театарски претстави, куси филмови, реклами и слично, што е доволно за портфолио од кое може да се процени дали би знаеле да работите музика за слика, односно за филм и дали вашиот сензибилитет воопшто одговара на проектот. Пресудно за добивањето на овој проект мислам дека беа идеите, музичките парчиња што ги предлагав за филмот, а кои долго време беа проверувани пред да се донесе одлуката за тоа кој ќе ја компонира музиката за „Мајки“.



Гледачите на „Мајки“ имаат поделени мислења за филмот, како што впрочем бидува со поголемиот дел од уметничките дела во било кој жанр. Но, чинам, едногласни се за музиката. Оценките за овој сегмент од филмот се позитивни. Дали целта, кога ја создаваше музиката, заедно се разбира со препораките на режисерот, беше токму тоа, да му биде допадлива и на поширокиот аудиториум?

Никој не размислуваше на музиката како на посебен дел од филмот. Во процесот разговаравме само за тоа што треба да ни каже музиката додека ја следиме приказната, кое чувство да го преживееме во одредена сцена или на што треба да не наведе да размислуваме. Поентата на филмската музика не е да се издвојува од приказната, туку да ја поддржува и со таа идеја ја работев музиката, немајќи воопшто време да размислувам за тоа дали ќе им се допадне на сите или само на неколку.



Сигурно е тешко, а особено кај нас, да се направи обработка на македонски народни песни, со оглед на трендот што во последно време ја зафати музичката сцена. Се изнаслушавме се и сешто, од учени до неуки се обидуваат да го обработуваат македонскиот фолклор. Кој беше твојот фокус, или концептот во приодот кон македонските народни песни кои го обојуваат филмот?

Обработување народни песни е многу деликатна задача за било кого. Тешко е да им додадете или да им одземете на народните песни, без притоа да расипете нешто или тотално да ја промашите изворната атмосфера. Затоа, внимателно правев оркестрација која сакав да функционира самостојно и без народната тема која ја свират соло инструментите. Или, во одредени случаи каков што е со песната „По друм одам“, се обидував да ја збогатам лиричноста која ја содржи таа, имајќи в предвид дека тоа треба да функционира во големата слика.



Наскоро ќе излезе саундтракот за „Мајки“. Можеби е нескромно да зборуваш за неговото патешествие токму ти како автор, но очекуваш ли меѓународен успех понатаму како што тоа им се случи на твоите колеги, момците од „Анастасија“, Џајковски..?

Јас не би можел да предвидам дали саундтракот ќе го задоволи вкусот на странската публика. Тоа е секогаш непредвидливо. Но, во старт со музиката не се обраќав само на одредена група луѓе, односно, користам интернационален музички јазик кој можат да го разберат сите во светот. И, како што ме изненади топлиот прием на нашата јавност за музиката, секако дека би сакал да добијам слични реакции и во странство.

Македонската музичка публика те познава како, пред се', музичар кој е дел од електронската, па и од поп-сцената. Во последно време и како еден од членовите на бендот на германскиот вокалист Александар Велјанов, кој направи успешна колаборација со вокалот Горан Трајковски. Ќе продолжи ли таа соработка, по турнејата која ја имавте низ Германија? Можеме ли да очекуваме македонски концерт? Или, едноставно, кои се твоите предизвици сега?

За концерт на Велјанов во Македонија се преговара се уште, секако дека тој и ние сакаме да отсвириме концерт дома. Јас работев на својот албум кој го одморив изминатиот период заради обврските на филмот, а сега продолжувам да работам на него и се надевам дека бргу ќе го завршам и ќе имам две различни изданија за оваа година.


#
Статијата е прочитана 514 пати.

Испрати коментар

Од: filminidjija
Датум: 12.11.2010 09:38:47
za filmot publikata bila podelena a za muzikata bila ednoglasna deka e dobra..normalno deka bi bile podeleni gledacite osekat deka veke vo filmovite na Milco M nema umetnost nego poveke,mislenje kako da vi pokazam nesto sto neste go videle i si odite od kino salata so nefino cuvstvo , zalosno e veke

Најди! во Утрински
Култура
Писателите бараат враќање на посмртните останки на браќата Миладиновци
Гран-при за претставата „Ма и Ал“ на фестивалот „Скупи“
Канскиот лауреат „Чичко Бонме...“ ќе го отвори „Синедејс“
Дела за виолина со Македонската филхармонија
Ново ЦД со тенорот Благој Нацоски
Средба со Лафазановски, Прокопиев и Османли во „Магор“






Croatian citizens sceptical of EU membership, poll reveals.
Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'