Број 2865  четврток, 18 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Свет

Браун прогласи „победа“ во кавгата со Германија

Таква жестока кавга околу мерките за справување со рецесијата не е забележана во нивната комуникација

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Гордон Браун меѓу последниот годинашен самит на ЕУ и "летачката посета" на средноазискиот регион, каде што разговараше со лидерите на Авганистан, Индија и Пакистан, успеа на овдешната јавност да и' ја соопшти британската "победа", во неговата кавга со Германија, откако европските 27-мина во Брисел успеаја да се спогодат околу широкиот пакет-мерки за закрепнување на економијата, посочувајќи на поддршката на канцеларот Ангела Меркел за фискалните стимулации од околу 200 милијарди евра. За британскиот премиер, германската согласност на оваа мерка е доказ дека Меркел (сепак) се согласува со политиката на кратење на даноците и на поттикнување на трошењето, што ја употребија Браун и неговиот министер за финансии, Алистер Дарлинг, во Британија, а што потоа и' ја понудија и на ЕУ. Домашните телевизиски станица ги покажаа премиерите на Британија и на Германија во разговор, но впечаток е дека меѓусебната кавга, која избувна со жестокост каква што одамна не е забележана во нивната политичка комуникација, не е надмината, а уште помалку дека во Берлин сметаат дека се поразени.

Неполни 40 часа по изразеното задоволство од "успехот што Европа ги прифати британските решенија", германскиот амбасадор во Лондон, во авторски текст во "Дејли мејл" "го олади" Даунинг стрит 10, давајќи свои оценки за британската економија и објаснувајќи зошто Германија не сака (и не може) да го прифати она што за овдешната влада изгледа како спасоносна формула за сите во ЕУ. Амбасадорот Георг Бумгарден отворено им порача на Браун и на неговите министри дека британската влада нема потреба да "троши толку многу пари", мислејќи на пакетот од 20 милијарди фунти употребен за да се совлада рецеси��ата, затоа што, Германија е во многу подобра економска форма. Оправдувајќи ја политиката на канцеларот Меркел, нејзиниот дипломат објасни дека германската невработеност се намалува, инфлацијата е многу пониско од порано, а пазарот на недвижен имот и на станови не е "надуен како балон", контрирајќи и' на британската реалност, каде што растат невработеноста и инфлацијата, а пазарот на станови и куќи, што повеќе од една деценија беше форсиран со прекумерно задолжување на луѓето, е на работ да експлодира. Конечно, според амбасадорот, Германците се штедливи луѓе кои внимаваат каде и како ги трошат парите, па затоа и немаат големи долгови на своите кредитни банкарски картички, како што тоа (на пример) го имаат Британците, додека германската трговија е се' уште здрава и прави профит, за разлика од британската, која е во "црвено салдо".

Острата реакција на Германецот, иако изразена со многу бирани зборови, се надоврзува на претходните "лекции по економија" што беа испорачувани од Берлин. Ваквото забрзано заладување на британско-германските односи, меѓутоа, изненадува, затоа што и Тони Блер, а потоа и Браун "навиваа" за Меркел на последните тамошни избори, верувајќи дека нејзините видувања за економијата и за ЕУ се поблиски до британските, за разлика од "левичарските" погледи на нејзиниот претходник Шредер и на "федералистичките визии" за Европа на германските социјалисти. Избувнувањето на кредитниот удар ги зближи уште повеќе, особено што на мини-самитот во Париз, Саркози, Браун и Меркел се договорија за заедничко дејствување за одбрана на банкарскиот и на финансискиот систем. Лондон уште тогаш почна да се фали дека е предводник на ЕУ во операцијата за спасување на банките, со силните државни интервенции со пари. Кога Браун понуди "спасувачки пакет-мерки" и за рецесијата, логично (по него) очекуваше дека Париз и Берлин ќе го следат, но Саркози и Меркел порачаа дека тие немаат намера да го кратат ДДВ-то во своите земји.

Франција, во меѓувреме го смени мислењето, па на вториот "троен самит", што беше свикан во Лондон, како трет беше повикан Мануел Баросо, претседател на ЕК, но не и германскиот канцелар која ќе оневозможеше постигнување договор, затоа што е против целината на британските мерки за кратење даноци и за зголемување на државното задолжување и трошење, што ЕК сакаше без малку неизменети да ги понуди како мерки на ЕУ. Браун велат цел ден поминал убедувајќи ја по телефон канцеларката во Берлин дека не се прави никаков обид за нејзино дезавуирање пред другите во Европа, што очигледно не помогна, па од Германија веднаш по мини самитот меѓу Браун и Саркози, на кои им се приклучи и Баросо, се отвори војна со зборови со Лондон. Основната цел на, како што се вели, невообичаено острата, неумесна и недипломатска конверзација, е дезавуирање на Британија како економски предводник на ЕУ, со прогласување на нејзините мерки за неприфатливи за Германија, а со тоа неупотребливи и за ЕУ.

Германскиот министер за финансии, Пер Штајнбрук, во интервју за "Њјусвик" грубо и' порача на британската влада дека нивните мерки за Германија се "пат во пропаст", а кога Даунинг стрит 10 гневно на лондонските медиуми им "шепна" да објават дека Берлин го подучува Лондон само затоа што му претстојат избори и затоа што има проблеми во германската голема коалиција, од другата страна одговорија уште погневно. Близок сојузник на Меркел и функционер на нејзината ЦДУ изјави дека иако Штајнбрук е социјалдемократ, како него мислат сите во владата, прогласувајќи ги последните потези на британската влада како доказ за "неуспехот на лабуристите" во водењето на економијата. Британскиот амбасадор во Берлин вложи протест кај Министерството за надворешни работи, а шефот на Форин офисот, Дејвид Милибанд, се обиде да ја спушти топката, но патем, не заборави да потсети дека британскиот план економски мерки е прифатлив за "секој сериозен економист" во светот.

Колку и да не се признава тоа, двете страни ја одржуваат острата меѓусебна реторика од внатрешно-политички причини. Германија е пред избори следната година и грубо прифаќање на сите британски економски мерки може таму да се примат како прифаќање на "англосаксонскиот пат" во економијата, од што се плашат повеќето од Германците. Во Даунинг стрит 10, пак, се гневни на "грубоста" на Германците, затоа што нивните критики се наполно идентични со критиките на британската опозициска конзеративна партија. За најдоцна 16 месеци и овде ќе мора да има избори, па ако критиките од ториевците дека преголемиот долг на државата ќе го отплаќа целата следна генерација, изгледаат како политички маркетинг за опозицијата, истата таква оцена од Берлин се доживува како политичка шлаканица на меѓународната сцена и има поголема тежина пред домашните гласачи.


Статијата е прочитана 148 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Латинска Америка ги обвини богатите земји за кризата
„Бадвајзер“ го загуби правото на името „бад“
Британците се повлекуваат од Ирак
Изборот на Обама ги охрабри црните Ирачани да влезат во политиката
В�� експлозии во Багдад загинаа 18 лица
Словенија ќе ја блокира Хрватска за ЕУ
Буш не му е лут на новинарот што го гаѓаше со чевли