Во експлозии во Багдад загинаа 18 лица
БАГДАД - Во две експлозии во центарот на Багдад вчера загинаа 18, а 53 лица беа повредени. Експлозиите се случија кога британскиот премиер Гордон Браун беше во ненајавена посета на Ирак, јави полицијата. Во експлозијата на автомобил бомба и друга експлозија загинаа полицајци и цивили во населбата Нахда во центарот на Багдад, во близина на сообраќајна полициска станица и болница. Насилството во Ирак, каде што инвазијата предводена од САД во 2003 година доведе до секташко крвопролевање и бунтовнички напади, значително опадна.
Но, нападите со автомобил бомба, убиствата и друго насилство се' уште се присутни. Ирачките безбедносни сили, кои се повеќе преземаат одговорност за воведување ред, додека американските сили се подготвуваат за повлекување до крајот на 2011 година, се чести цели. Во понеделникот, девет полицајци загинаа во самоубиствен напад во Багдад. (Ројтерс)
|