Британците се повлекуваат од Ирак
Браун во Багдад рече дека британските сили ќе ги завршат задачите во првата половина од 2009 година
БАГДАД - Британскиот премиер Гордон Браун вчера пристигна во Багдад, еден ден откако ирачкиот кабинет формулираше закон со кој се подготвува теренот за повлекување на британските сили, по повеќе од шест години од инвазијата, предводена од САД. Четвртата посета на Браун на Ирак како премиер се случи веднаш по посетата на американскиот претседател Џорџ Буш, кој ги избегна фрлените чевли кон него од страна на ирачки новинар, како знак на навредата што ја чувствуваат многу Ирачани поради секташкиот масакр што започна со инвазијата.
Браун се состана со ирачкиот премиер Нури ал Малики и други официјални лица за да дискутира за идните односи со Велика Британија, главниот партнер на САД во војната и поранешна колонијална сила на Ирак. „Улогата што ја имаат борбените сили на Велика Британија се приближува кон крај. Тие сили ќе ги завршат нивните задачи во првата половина од 2009 година и потоа ќе го напуштат Ирак“, изјавија Браун и Малики во заедничка изјава. „Но, партнерството меѓу двете земји ќе продолжи со нови димензии“.
Законот со кој се одредуваат условите за повлекување на 4.100 британски војници, исто така, го покрива присуството на австралиските, естонските, романските, салвадорските и единиците на НАТО, и мора да биде одобрен од ирачкиот парламент. Со законот, крајот на мај се поставува како последен датум за борбените операции, а крајот на јули како датум за повлекување. „Многу сме задоволни од она што го видовме во договорот, и очекуваме дека ирачкиот парламент ќе го одобри многу наскоро“, рече висок британски претставник кој побара да остане анонимен.
Британски официјални лица јавија дека очекуваат да останат малку војници, за вежби за обука, по официјалното повлекување. Велика Британија во еден период испрати 45.000 војници во војната против Ирак, но огромното јавно спротивставување за војната во земјата ја поттикна владата постепено да ги намали борбените операции. (Ројтерс) |