Полни паричници со кованици
Определба на НБМ е во догледно време целосно да ги замени книжните пари во апоени од 10 и од 50 денари со монети
Нина Нинеска-Фиданоска
Брзо ќе дојде време кога банкнотите од 10 и од 50 денари ќе станат минато. Ова го потврдуваат за „Утрински весник“ монетарните власти во земјава. Наместо со хартиени пари, паричниците ќе ни се наполнат со кованици во истата вредност. Причини поради кои Народна банка на Македонија смета дека во догледно време монетите од 10 и од 50 денари треба целосно да ги заменат банкнотите се нивниот многу подолг век на траење, од една страна, како и нивната ниска номинална вредност.
Кованите пари во последниов период како да „нападнаа“ во прометот ��о земјава. Се' почесто кога плаќате во продавница и го очекувате вашиот кусур, најпрвин сте изненадени кога продавачот ќе ви врати еден куп монети, а вие сметате на многу повеќе книжни пари. Но, кога внимателно ќе погледнете, сфаќате дека тој воопшто не погрешил со сумата, туку ви ја вратил во монети од 50 или од 10 денари. Најчесто сами во себе негодувате, бидејќи „кованиците“ се понезгодни за чување во вашиот паричник или в џеб, сеедно, и полесно се губат.
Низ локалните продавници, поголемите маркети, па дури и во автобусите, книжните десетденарки или педесетки се' помалку ги има, а оние што и натаму „виреат“ се подискинати, залепени со селотејп, испишани... Тоа е често причина трговците да одбијат да ги примат, љубезно замолувајќи го купувачот да пронајде „некоја друга пара“ во својот паричник.
Некои од граѓаните негодуваат од напливот на монетите, барајќи си ја назад „хартијата“, која им била поедноставна за ракување. „Се' почесто кога купувам, кусурот ми го враќаат во ковани пари од 50 или од 10 денари. Колку и да се трудам да ги зачувам, некако полесно ги губам, а во услови на денешнава немаштија, да изгубиш 50 денари, и тоа во неколку наврати, воопшто не е за потценување“, се жали една малку повозрасна скопјанка.
„Утрински“ ја праша централната банка зошто кованиците од 10 и од 50 денари се се' позастепени во прометот. Монетарната власт има свои аргументи зошто ги преферира кованите пари во оваа вредност.
„Определба на Народна банка на Македонија е во догледно време целосно да ги замени книжните пари во апоени од 10 и од 50 денари со ковани пари во овие апоени, имајќи ја предвид нивната ниска номинална вредност, од една страна, и подолгиот век на траење, од друга страна. Ова е во согласност и со искуствата во другите земји. Употребата на кованите пари е поекономична поради фактот што нивниот век на траење, со грижлива употреба, е практично неограничен, за разлика од банкнотите, чија употреба далеку побрзо доведува до нивна излитеност, оштетување и до потреба за отстранување од промет и нивна замена со нови банкноти“, велат од централната банка.
Во меѓувреме, пак, НБМ набавува машина за ковање монети, но не од 50 или 10 денари, туку од еден, два и пет денари. Пред неколку дена централната банка објави оглас за договор за јавна набавка, и тоа за алат за ковање вакви монети. НБМ наведува повеќе критериуми што треба да ги исполнуваат оние што ќе се пријават на тендерот. Меѓу другото, од потенцијалниот интересент се бара да достави документ за регистрирана дејност. Фирмата мора да има минимален вкупен приход од 32,5 илјади евра во последните три години, како и да достави минимум една потврда или изјава за испорака на ваков вид машина, со вредност од најмалку 9,8 илјади евра. Рокот на испорака е 36 месеци од датумот кога тој што ќе победи ќе биде известен за тоа. Цената игра најголема улога во изборот, со 70 отсто, референците со 20 проценти и сертификатите за квалитет 10 отсто. Датумот на отворање на понудите е 15 септември, а дотогаш можат да се поднесуваат понудите. Периодот на важноста на понудата е 90 дена. |