„Гугл“ ќе плати казна од 500 милиони долари
Компанијата „Гугл“ се согласи да плати казна од 500 милиони долари со цел да го избегне поведувањето кривична постапка поради остварениот профит преку рекламирањето во САД на онлајн забранети аптеки.
Американските федерални надлежни органи нагласуваат дека „Гугл“ од 2003 година бил запознат дека со помош на неговиот рекламен систем „Ед вордс“ поединечни аптеки во САД продаваат лекови кои може да се добијат само на рецепт, а чиј увоз во САД е забранет.
Компанијата есента минатата година прв пат призна дека во нејзиниот систем постојат дупки. Тогаш федералниот суд во Сан Хозе, Калифорнија, поведе граѓанска постапка против сопственик на онлајн-аптека, која го користела „Ед вордс“. Тие сопственици во рекламите ги наведувале ��мињата на лековите со печатни грешки, што не било препрека да се појави огласот, а со него и резултатите од пребарувањето, каде што имињата на лековите биле правилно напишани.
Со казната од половина милијарда долари што ќе ја плати „Гугл“ е опфатена и заработувачката од рекламирањето на сите аптеки, кои недозволено продавале лекови, како и вкупниот приход на аптеките од тие продажби. Сумата за плаќање на казната компанијата ја вклучи во финансискиот извештај за првиот квартал од 2011 година.
„Гугл“ оваа година објави дека отсега ќе ги прифаќа рекламите само на оние аптеки што имаат лиценца за работа во САД. (Ек.Р.) |