Брoj 2731  вторник, 08 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Фељтон

Драмата на Егејците (8)

Жените масовно вклучени во заднината на фронтот

Виктор Цветаноски

Евакуацијата на децата започна на крајот на февруари и почетокот на март 1948 година и траела се' до јуни истата година. Д-р Ристо Кирјазовски истакнува дека е неспорно оти тие биле спасени од ужасите на Граѓанската војна и однесени во социјалистичките држави, но нивното отстранување од родното огниште придонело за етничко чистење на Егејскиот дел на Македонија.

„Една од суштинските причини за евакуацијата на децата е создавањето услови за решавање на проблемот на резервите на ДАГ со нови борци. Ослободувањето на родителите од грижата за децата овозможи тотално мобилизирање на населението за претстојните тешки и решавачки битки во Западна Егејска Македонија. Тоа и се случи. Непосредно по евакуацијата на децата, беше извршена мобилизација на се' уште невклучените граѓани во редовите на ДАГ и во нејзините помошни единици“, подвлекува д-р Кирјазовски. Тој пишува дека во текот на големата офанзива на Грамос, летото 1948 година и по неа целата слободна територија била претворена во работилница во која сето население, неспособно за носење оружје, работело за потребите на ДАГ. Биле формирани екипи од жени за пренос на ранети, екипи за пренос на оружје, муниција, копање ровови, месење леб и ловење риба во Преспанско Езеро.

„Раководството на КПГ оваа своја одлука ја мотивираше и ја образложуваше со потребата за спасување на децата од ужасите на војната, а по молбено барање на нивните родители“, истакнува д-р Кирјазовски, кој лично учествувал во Граѓанската војна. Со цел да се убедат родителите да ја прифатат одлуката и акцијата да се претстави како резултат на нивни барања, била организирана широка политичка активност меѓу населението, која резултирала со писмено барање на родителите за евакуацијата на децата.

И Д-р Фана Буцкова смета дека хуманоста не е единствен мотив за евакуација на децата „Да го прифатиме тоа како факт, но не и како единствен мотив, бидејќи настаните што дојдоа потоа укажуваат и на други причини. Пред оваа многупати потенцирана компонента има и друг мотив, а тоа е нерешениот проблем со борбените резерви на ДАГ, што КПГ, како водач на ова движење, не успеа да го реши, а и масовниот терор на националистичките сили спрема демократите и Македонците во Грција“, вели таа.

Во книгата „И ние сме деца на мајката земја...“ истакнува дека грчките националисти во таа ситуација гледале уште една шанса за етничко чистење на Македонија, тие особено се нафрлиле врз Македонците. „Славомакедонците треба да исчезнат оттука“, пишуваше републиканскиот неделен весник „Елефтерос“ од јануари 1946 година, „тие треба задолжително да се истераат и нека одат во која било соседна земја“, нагласува д-р Буцкова и додава дека паравоените формации доследно почнале да ја спроведуваат политиката на истребување на македонското население. „Патролирајќи низ македонските села, фрлаа пароли дека некои ќе ги убијат, некои ќе ги истераат, така што кога ќе дојде кралот да не најде ниту еден Словен во земјата. Таквите пароли тие ги претвораа и во дело“, пишува Буцкова, која е едно од илјадниците деца-бегалци.

Евдокија Фотева - Вера, првоборка во ДАГ и раководителка на АФЖ, која непосредно била вклучена во евакуацијата на децата, вели дека тие секојдневно биле изложени на животна опасност од бомбардирањата и ѕверствата. „Немаше услови за нивниот живот и школување. Беа изложени и на разни заболувања и гладувања. Поради таквите услови, Привремената демократска влада, КПГ, НОФ и другите антифашистичко-демократски организации се обратија до слободните социјалистички републики за прифаќање на малолетните деца до 14-годишна возраст“, истакнува таа во книгата „Децата-бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, подготвена од Мишо Китановски и Ѓорѓи Доневски. Според неа, со оглед на тоа што жариштето на војната било во местата каде што живееле Македонци, повеќето деца биле од македонска националност.

„Гледајќи ја суровоста на Граѓанската војна, осознавајќи што може да доживее детето, што го чека од раката на монархофашистите и американските авиони, мајката единствен спас за својата рожба гледаше во решението на ПДВ, во мерките на антифашистичките и демократски организации и затоа доброволно го даваше своето дете да биде евакуирано во некоја слободна земја, бидејќи беше уверена оти таму ќе биде безбедно и посреќно во идниот живот. Мајчината болка е безмерна кога се дели од своето дете, но овој пат таа токму од името на животот го избра патот што и' го покажа нејзината организација“, подвлекува Фотева.

Според неа, месните НОО во секое село одржувале собири на кои им се објаснувало на луѓето за мерките за обезбедување на децата. Списоците на децата кои требало да се евакуираат ги правеле организациите НОФ и АФЖ. „На секои десет деца се одредуваше по една негувателка, а на секои 20-25 деца по еден учител или учителка. Се водеше сметка негувателките и учителите да бидат од семејства кои имаа повеќе членови во партизани, или од семејства на паднати борци, или да бидат воени инвалиди“, објаснува Фотева. Таа го посочува случајот кога лично и' предложила на Малина Ралева од село Д’мбени, која имала четири малолетни деца што требало да се евакуираат, и таа да замине со нив, но и' одговорила: „Не, јас не го оставам мојот другар, мојата сестра и брат да се борат овде, а јас да заминам со децата. Знам дека тие ќе бидат безбедни, имам целосна доверба во избраните другарки, а јас овде ќе можам повеќе да придонесам за борбата“.

Катерина Мирчевска, која неодамна докторира на оваа тема, нагласува дека главната причина хуманоста - „спасување на децата од ужасите на војната“ била поврзана и со плановите за решавачките битки. Таа го цитира искажувањето на Уранија Јурукова, учесничка и активистка во војната, која вели: „Во почетокот на 1948 година на Вичо, Малимади, Бигла, Грамос се водеа големи битки и беа бомбардирани селата. Жртви беа децата и старите. Девојката Фотини Жагровска од село П’пли, учителка, кажуваше дека доаѓале авионите, децата бегале од училиштето за да се скријат. Се случувало некое од нив да загине, а таа била ранета. По ваквите настани, наставата се одвиваше ноќе... Требаше да ги спасиме барем децата до 14-годишна возраст. Дадовме многу жртви кај селата Загоричани, Кономлади, Граче, Стенско, дури да ги повлечеме децата“, изјавува Јурукова.

Според д-р Мирчевска, другата причина била поврзана со плановите на ДАГ за зголемување на бројот на борците. Било решено бројот на борците од 24.000 да се зголеми на 60.000-65.000. „Овој нов момент претпоставувал ослободување на родителите, првенствено на мајките, од грижата за своите деца. Тој бил потврден со фактот дека по евакуацијата на децата, била извршена целосна мобилизација на сите мажи и жени“, додава д-р Мирчевска.

И д-р Петре Наковски го дели истото мислење дека одведувањето на децата имало хуман карактер, но зад акцијата се криееле и други цели. „Прво, со заминувањето на децата, родителите беа мобилизирани за извршување заднински задачи за потребите на оружената борба, како што се пренесување муниција и ранети, копање ровови и градење бункери. Второ, децата требаше да бидат идната резерва за пополнување на единиците на Демократската армија на Грција. За таа цел, во втората половина на 1948 година и во март 1949 година беа мобилизирани околу 2.000 деца на возраст од 14, 15 и 16 години, кои беа вратени во Грција. Единствено Полска не дозволи да бидат мобилизирани деца, ниту придружен персонал. Трето, одведувањето на децата требаше да го подигне борбениот дух и моралот на борците свесни дека нивните деца, братчиња и сестри се безбедни“, вели д-р Наковски.

(Продолжува)


Статијата е прочитана 933 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Моите филмови се копија на реалниот живот
Зденко
ДУИ бара албанскиот да биде службен јазик
Се бара графолошко вештачење на писмото на Владо Танески
Претходен број
Во економијата врие - новата Влада на потег
Пријателите на Бошкоски подготвуваат фешта во Хаг
Тенис за незаборав
„Тигар“ пред вратите на Социјалистичката интернационала
„Водството на ОНА“ стаса во Обвинителството
Каде ќе плови новиот владин брод
Пламени јазици проголтаа хала на скопската фабрика „Годел“
Во салата со огледала
Verbatim