Брoj 2731  вторник, 08 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Интервју

Моите филмови се копија на реалниот живот

Никогаш не сум бил револуционер и не сум се преправал дека сум, вели францускиот режисер Клод Лелуш

Сунчица Уневска

Во Вашиот последен филм „Џебен роман“, кој го затвори првото издание Фестивалот на француски филм во нашата земја, авторот на романот ги бара карактерите за своето ново дело. Како е со Вас, како Вие ги барате вистинските карактери за своите филмови?

Идеите секогаш ги добивам од луѓето и од настаните кои ги среќавам во животот. Многу им се восхитувам на режисерите кои се способни да креираат сопствен свет, оние кои прават мјузикли или филмови полни со фантазија. Кај мене не е така, моја цел отсекогаш била да бидам најискрен сведок. Животот е најдобриот сценарист на сите времиња, тој секојдневно испишува милијарди нови сценарија. Ако имам талент, тој можеби се состои во тоа подобро од другите да видам што се случува околу мене и тоа да го искористам за да направам добри стории. Никогаш не го променив начинот на кој работам, но како што стареам имам се' повеќе и повеќе стории што би сакал да ги раскажам. Можеби во Охрид ќе сретнам нови луѓе кои ќе ми дадат нови идеи...



Познати сте по своите мелодрами и криминални филмови, што е она што сега најмногу сакате да го работите? Иако судејќи според Вашите понови остварувања „И сега... дами и господа“, „Шанса или коинциденција“, „Парижани“, „Мизерија“, па дури и „Џебен роман“ изгледа им останувате верен на овие жанрови?!

Ги сакам жанровските филмови. Ако треба да понесам само два филма на пуст остров, тоа сигурно ќе бидат еден мелодраматичен воен филм „Кога жеравите летаат“ и мјузиклот „Пеејќи на дождот“. Но, не би кажал дека моите филмови се жанровски. Бидејќи, како што и претходно кажав, јас го копирам животот, а тој ги комбинира сите жанрови. Еден ден во нашиот живот може во исто време да биде комедија наутро, трилер напладне и љубовна приказна навечер.



Вашиот филм „Еден маж и една жена“ остана о��ележје на Вашиот опус. Вие повторно му се навративте по 20 години. Зошто?

Кога го правев „Еден маж и една жена: по 20 години“, тоа беше проверка како моите ликови денеска се однесуваат. Многумина мислеа дека „Еден маж и една жена“ има среќен крај, но јас бев близу до тоа да мислам дека тие се разделија по само неколку минути или по неколку часа од нивната средба на железничката станица во Сен-Лазар. Бидејќи, ликот на Анук Еме се' уште не беше подготвен за нова љубовна сторија. Дваесет години подоцна тие ги живеат своите животи и беше интересно да се види каков е нивниот нов начин на живеење. Меѓутоа, жал ми е за едно, што филмот е преполн со премногу различни стории кои се испреплетуваат. Кога денес повторно би го снимал овој филм, би го направил колку што е можно поедноставно. Би ги снимал, на пример, Анук Еме и Жан Луј Трентињан како ручаат заедно цели 90 минути. Мислам дека на тој начин можат да се достигнат највисоко изразени емоции.



Работевте во времето кога светот го освои францускиот нов бран, кој изврши големо влијание. Но, иако со познатите претставници на новиот бран работевте заедно, па дури заедно го снимавте и „Далеку од Виетнам“ во 1967, сепак, останавте надвор од тој правец, со своја филозофија и свој начин на гледање на работите. Каков беше Вашиот однос спрема новиот бран и што беше она што го префериравте?

Никогаш не сум му припаѓал на францускиот нов бран иако почнав со снимање филмови во исто време кога и Франсоа Трифо и Жан Лик Годар. Некои критичари посочуваат дека моите први филмови, како што е „Девојка и некое оружје“, ја имале истата слобода и вкус како што имаа „400 удари“ на Трифо или „Без здив“ на Годар. Меѓутоа, мене не ми се допаѓаше начинот на кој новобрановците сакаа да се ослободат од олдтајмерите како Рене Клемен или Анри Жорж Клузо. „Далеку од Виетнам“ беше продуцентски филм и немав контакти со другите режисери. Можам само да кажам дека бев многу заинтересиран да ја добијам можноста да снимам филм на американски брод и имав среќа што добив дозвола. Претпоставувам дека освоениот „Оскар“ за „Еден маж и една жена“ беше причината што ја добив дозволата.



Во 1960-тите и 1970-тите важевте за најкомерцијален автор во Франција. Некои поради тоа Ве нарекуваа конформист. Дали за себе мислите дека сте конформист?

Не треба јас да дадам одговор на ова. Не мислам дека сум конформист, но не правам ништо што би ги спречило другите да мислат така.



Критиката знаеше и да Ве фали, но и да Ве напаѓа. Еднаш рековте дека ќе направите филм за критиката кога ќе имате пари за фрлање. Имавте ли проблеми со критиката?

Секако дека имав проблеми со критиката, но главно критичарите имаа проблем со мене. Освен неколкумина од нив, тие не ме напаѓаат за ист филм. Слаб сум спрема моите филмови и не мислам дека некои од нив се фијаско. Знаете, кога со месеци работите на некој проект, тешко е да се прочита критика од неколку реда во која со иронија ве испраќаат по ѓаволите. Меѓутоа, критичарите не се мои непријатели. Одвреме-навреме го користам тоа задоволство да разговарам со нив за филмот, па дури и за мојата работа. Понекогаш тие дури и ми помагаат да откријам нови нешта за мојата работа.



Многу автори од тоа време ја сметаат 1968 година за пресвртница во својата работа. Како беше со Вас, колку бевте инфицирани со се' што се случуваше во тој период и како се одрази тоа на Вашата работа?

Секако дека бев многу заинтересиран за тоа што се случуваше, бидејќи отсекогаш сум бил новинар. Како што спомнав, светот околу мене, начинот на кој луѓето размислуваат и дејствуваат има големо влијание на сториите што ги раскажувам. Но, никогаш не сум бил револуционер и никогаш не сум се преправал дека сум таков, како што правеа некои од моите колеги. Во мај 1968 година бев во Кан за да го претставам мојот нов филм, документарецот за Зимските олимписки игри во 1968 година во Франција, кој се вика „13 дена во Франција“. Но, како што знаете, фестивалот беше прекинат и филмот никогаш не беше прикажан. Се' до годинава кога во Кан по повод годишнината имаше специјални проекции на неприкажаните филмови од таа година. Ми се вратија пријатни чувства гледајќи го сето тоа 40 години подоцна!



Вие сте синоним за францускиот филм. Многумина Ве сметаат за легенда која остави голема трага на францускиот филм, но и пошироко, па, сепак, и понатаму интензивно работите. Што е она што се' уште сакате да и' го кажете на публиката?

Многу ми ласка вашето прашање. Не сметам дека сум легенда или, пак, дека сакам да пренесам нешто. Можам само да ви кажам дека го сакам животот, ја сакам публиката дури и тогаш кога не ги сака моите филмови (таа, секако, има право). И го сакам филмот. Ако можам на публиката да и' пренесам десет проценти од мојата љубов за филмот, тогаш ќе бидам најсреќниот човек на светот.


Статијата е прочитана 311 пати.

Испрати коментар

Од: marija bezanovska levavasseur
Датум: 08.07.2008 09:29:10
Dobar intervju. Samo edna zabeleska. Prevodot na naslovot na najnoviot film na Lelus "Roman de gare" ne moze nikako da bide "Dzepna kniga" tuku "Lesna kniga" ili "Lesna literatura". Stanuva zbor za knigi koi se kupuvaat na zeleznicka stanica pred patuvanje i, koi, po nivnoto citanje, cesto se zaboravaat. Se razbira, ovoj naslov Lelus go upotrebuva so povekeslojno znacenje. Inaku ne bi bil Lelus.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Зденко
ДУИ бара албанскиот да биде службен јазик
Се бара графолошко вештачење на писмото на Владо Танески
Претходен број
Во економијата врие - новата Влада на потег
Драмата на Егејците (8)
Пријателите на Бошкоски подготвуваат фешта во Хаг
Тенис за незаборав
„Тигар“ пред вратите на Социјалистичката интернационала
„Водството на ОНА“ стаса во Обвинителството
Каде ќе плови новиот владин брод
Пламени јазици проголтаа хала на скопската фабрика „Годел“
Во салата со огледала
Verbatim