Женскиот фактор
100 години напредок
1910
На социјалистичката конференција во Копенхаген на вработени жени, повеќе од 100 жени од 17 земји едногласно гласаа за прогласување Меѓународен ден на жената кој ќе ги промовира правата на жените и изградба на поддршка за универзалното право на глас. Како резултат на иницијативата од Копенхаген, Меѓународниот ден на жената првпат се прослави веќе следната година во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија, со повеќе од еден милион жени и мажи што присуствуваа на собири.
1911
Марија Кири беше наградена со Нобеловата награда за хемија. Во 1903 година таа беше првата жена што ја добила Нобеловата награда за физика кога и' беше доделена.
1913
Како што движењето за право на глас добиваше импулс, англиската активистка Емелин Панкхрст беше уапсена за ковање заговор да го запали домот на канцеларот за финансии, Дејвид Лојд Џорџ. Заедно со другите затворени активисти за право на глас таа почна штрајк со глад, привлекувајќи поголемо внимание кон каузата. Друга активистка, Емили Дејвисон, почина во јуни, четири дена откако се фрли под коњот на кралот Џорџ Петти на Епсом дербито во знак на протест поради владиното одбивање да им се даде право на глас на жените.
Норвешка стана втората земја во светот која им даде на жените право да гласаат. (Нов Зеланд беше првата земја што го направи тој чекор во 1893).
1914
Принцезата Евгенија Шаковскаја е првата жена која стана воен пилот. Таа леташе во извидувачки мисии за рускиот цар.
1915
На 35-годишна возраст, Хелен Келер, која била слепа и глува од 19-месечна возраст, заедно со Џорџ Кеслер ја формира Меѓународната организација „Хелен Келер“ за промовирање на истражувањето во полето на видот, здравјето и исхраната. Покрај тоа што работела како застапник на луѓето со инвалидитет, Келер била радикален социјалист, поддржувач на идејата за контрола на раѓањето, за правото на глас за жените, таа помогнала во 1920 година да се формира Американското здружение за граѓански слободи.
1920
САД го ратификуваа 19. амандман, со кој им се дава право на глас на жените и уследи по преземање на истиот чекор од многу европски земји во претходната деценија, особено по војната - вклучувајќи ги Германија, Австрија, Русија, Полска, Унгарија, Холандија и Чехословачка.
1925
Габриела Коко Шанел го презентираше својот препознатлив „мал црн фустан“, правејќи ја женската елеганција едноставна и пристапна за повеќе општествени класи.
1927
Норвешката уметничка лизгачка Соња Хени го освои првиот светски аматерски шампионат. Таа ќе ги освои следните девет светски шампионати, што се' уште е рекорд за женското уметничко лизгање (и е еднаков со рекордот кај мажите). Таа, исто така, освои златни медали на три Олимписки игри (1928, 1932 и 1936), што е уште еден рекорд.
1930
На 5 мај, Ејми Џонсон, британски пилот, го прави својот прв соло-лет од Англија до Австралија, прв од тој вид за жена. Патувањето во 16 етап�� траеше 19 дена. Две години подоцна, Американката Амилија Ерхарт стана првата жена која сама го прелета Атлантикот во 15-часовен лет.
1943
Воената пропагандна кампања во која учествува „Мајсторот Рози“ ги повикува Американките да се приклучат во работните сили за време на Втората светска војна. До крајот на војната, 18 милиони жени беа дел од американските работни сили. Во Британија до крајот на војната една третина од работниците во фабриките беа жени.
1944
Франција им даде право на глас на жените. По неа следуваше Италија во 1945 година, како и серија други европски земји во следните десет години, вклучувајќи ги Југославија, Белгија и Грција.
1948
Американката Елис Коучман станува првата црнкиња која освои златен медал на Олимписки игри со победата во скок во висина на ЛОИ во Лондон.
1949
Француската писателка Симон де Бовоар ја објавува контроверзната и влијателна „Вториот пол“, во која вели дека општеството ја жигосува жената како инфериорна во однос на мажите и презентира како жената може да ја промени рамнотежата на моќ.
1950
Индија, најнаселената демократија во светот, им дава право на глас на жените.
1953
Виџаја Лакшми Пандит, политичарка од Индија, станува првата жена што е избрана за претседател на Генералното собрание на ОН.
Американскиот сексолог Алфред Кинси ја објавува „Сексуално однесување кај жените“ во која се содржани првите информации за сексуалната активност кај жените, ја предизвикува актуелната медицинска литература во која се тврди дека жените не се сексуални суштества и се осврнува на теми што се сметаа претходно за табуа.
1955
На 1 декември, Роза Паркс одби да му го отстапи своето место на маж-белец во автобус во Монтгомери, Алабама. Нејзиното апсење и последователниот успех на бојкотот на автобускиот сообраќај, предводен од Мартин Лутер Кинг, предизвика бран демонстрации што доведоа до движење за граѓански права на Црнците во САД.
1960
Сиримаво Бандаранаике од Цејлон (сега Шри Ланка) е избрана за првата жена-премиер.
1963
Бети Фридан ја објавува „Женска мистика“, прва книга во која се анализира улогата на жената во американското општество и се охрабруваат да се ослободат од доминацијата на мажите.
Руската космонаутка Валентина Терешкова, која пилотира со „Восток 6“, стана првата жена во вселената.
1967
Во Британија е изгласан Законот за абортус, со кој се легализира абортусот под одредени услови. Шест години подоцна во САД, во случајот „Роу против Вејд“ се прогласуваат за неуставни индивидуалните државни забрани за абортус за време на првото тримесечје. Од 1973 до 1980 година, Франција, Западна Германија, Нов Зеланд, Италија и Холандија го легализираат абортусот со разни рестрикции.
1975
Јапонската планинарка Јунко Табеи станува првата жена која се искачила на врвот на Монт Еверест како дел од експедицијата составена од 15 алпинисти сите жени. Во 1992 година, таа станува првата жена што ги комплетира „Седумте врва“ откако се има искачено на највисоките планини на седум континенти.
1980
Вигдис Финбогадотир станува претседателка на Исланд, прва жена во светот која победува на претседателски избори.
1981
Сандра Деј О’Конор е првата жена-судија во американски Врховен суд.
1988
Беназир Буто станува премиерка на Пакистан. Таа е првата жена во модерната историја, која предводи муслиманска земја.
1995
Марија Кири станува првата (и се' уште единствена) жена која е погребана во Пантеон во Париз, каде што се погребани 72 национални херои на Франција.
2001
Ирене Зубаида Кан, Бангладешанка, е првата жена, првата Азијка и првата муслиманка која стана генерален секретар на најголемата организација за човекови права во светот - Амнести интернешенел, која е со седиште во Лондон.
2003
Иранската адвокатка и активистка за човекови права Ширин Ебади е добитничка на Нобеловата награда за мир со што стана првата муслиманка што ја добила оваа награда.
2004
Кениската активистка за животна средина Вангари Мута Матхаи, основач на движење „Зелен појас“, е првата Африканка што ја доби Нобеловата награда за мир. (До 2009 година, 40 жени ја добија Нобеловата награда од 802 лауреати).
2005
Елен Џонсон Сирлив станува првата избрана жена-лидер на Африка и прват�� црна претседателка во светот кога таа ќе победи на изборите во Либерија.
2007
Сенаторката Хилари Родам Клинтон е првата жена која се смета за главен кандидат за американски претседател. Таа следната година ја губи номинацијата од демократите, а во декември 2008 година претседателот Барак Обама ја именува за државен секретар, трета жена што била на оваа функција (по Медлин Олбрајт и Кондолиза Рајс).
2010
Жените стануваат рамноправни во американската работна сила, сочинувајќи половина од сите вработени. Жените веќе сочинуваат мнозинство од дипломците на универзитети во земјите-членки на ОБСЕ и стекнуваат речиси 60 проценти од универзитетски дипломи во САД и во Европа. (Н.Р.)
|