Број 3262  вторник, 20 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Ѓорѓи Мисајловски

Исповед на еден дипломат

Нашите амбасадори најчесто се дипломатски приправници без личен став во ситуација кога немаат ниту став на државата

Ѓорѓи Мисајловски


Ме пензионираа на мојот 64. роденден. Хороскопскиот знак ми е Девица. Подзнак - лажна. На тој ден се чувствував како да ја положив матурата, а веќе по неколку месеци до пензискиот фонд на државата, во која најдолго плаќав придонес, морав редовно еднаш годишно да ја испраќам т.н. „потврда за живот“ како круцијален доказ дека сум нејзин корисник.

Дипломати, на моја возраст, особено во кутијата за кибрит на Источна Река во Њујорк, го почнуваат својот претпоследен амбасадорски мандат. Кај нас не е така. Особено не во оваа преродбенска Влада, која како да е во коалиција со св.Архангел кога се во прашање земањето на дипломатските транзициски души. Во мојот случај, за тоа беше задолжено едно заталкано и грешно вмровско ангелче, со стаж во ДПМНЕ од раѓањето, кое се откажа од започнатата судска постапка во моментот кога го доби указот за амбасадор, замислите колку доцна - во својата 29. година.

Всушност, најголема заблуда на ова Влада е дека за дереџето на сегашната дипломатија се виновни старите кадри. Примерот на Словенија зборува спротивно. Токму словенечките политичари и дипломати од Белград и' ја донесоа независноста на дежелета и ја внесоа во НАТО и во ЕУ. Најсвеж пример е актуелниот европратеник Зоран Талер, известувач за Македонија, кој ја почна кариерата на 22. кат во зградата на некогашниот ЦК на Југославија, во Меѓународно одделение на ЦК на Младина на Југославија.

Христијански е да се каже дека не е само преродбенската Влада таа што го читала Данте. Македонските дипломати од барокната зграда на ул. „Кнез Милош“ 24 во Белград беа поканети од македонската Влада да се вратат по распадот на авнојска Југославија. Не се вратија сите. Тука и почнува агонијата на македонската дипломатија. Еден од нив, последниот југословенски амбасадор во Атина, беше кандидат за прв министер за надворешни работи, но нашата Влада не беше подготвена да му исполни ниту едно од неколкуте скромни барања. Намерно не го спомнувам името на Лазар Мојсов, секако, најпознат македонски дипломат, кој и да бил поканет за МНР, од оправдани причини не би го прифатил тоа. Но, за размислување е дали би прифатил некоја позначајна функција?

Од оние што се вратија повеќе од половина во Белград не би имале никакви шанси за напредување. За нив најдоброто што можеше да се случи беше распаѓањето на Југославија. Тие беа „погодни за Исток“, како што пишуваше на дипломите што своевремено во Австроунгарија ги издавале високите школи на едвај протнатите студенти за да можат да бараат работа надвор границите на монархијата. Но, и таквите им пречеа на локалните македонски чиновници вработени во поранешниот Секретаријат за односи со странство, чиј највисоко рангиран кадар не можеше да добие повисоко место од советник во Софија. Останатите удираа печати во ко��зулатите на ексдржавата во Солун, Лион, Бенгази или, пак, беа ниско рангирани дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва во кои со пушка бараа кадри да ги испратат во Албанија, Авганистан, Конго, Етиопија, Сомалија, Брегот на Слоновата Коска и другите престижни држави. Токму тој „локален став“, познат како професорски или судиски деца, беше база за идниот водечки дипломатски естаблишмент. Дојденците од Белград имаа третман на натрапници.

Конечно, се вратив на основната тема. Треба да пишувам за неговата екселенција амбасадор, толку посакуваната титула, бидејќи Македонија имала претседатели на Републиката, претседатели на Владата, на ЦК СКМ, на Собранието, министри (секретари) и др., но немала амбасадори како претставници на независна држава. И започна трката по нив, без претходно утврдените стандарди. Како последица на тој амбасадорски комплекс, воведовме практика министрите за надворешни работи да одат за амбасадори (почна со Денко Малески, а следеа Стево Црвенковски, Срѓан Керим, Благоја Ханџиски). Некои доживеаја семејни хаварии слушајќи ги советите на своите ближни да бидат амбасадори. Некои засекогаш ги баталија своите професии во кои ги имале достигнати највисоките академски титули и професионален зенит само да ги именуваат со „Ваша екселенцијо“. Кај некои проработи музата и беа најплодни писатели токму како амбасадори.

Со именување амбасадори се рехабилитираа првите македонски „либерали“, наводно, жртви на едноумието, се наградуваа основачите на абортираните политички партии, на фолклорен начин се вмеша нашата дијаспора со својот цвет во ликот на цвеќарката од Вашингтон, првата амбасадорка во САД. Некои амбасадори дури се осмелија да напишат и книги за дипломатија, макар што нивната дипломатска работа не остави никаква трага. На еден т.н. амбасадор толку му се бендиса работата, па не сакаше да се врати по истекот на мандатот и си остана да печали пари во една професија блиска со дипломатијата - градежништвото, а една амбасадорка се вљуби во холандските лалиња и остана во администрацијата на земјата-домаќин. Неколкумина амбасадори доживеаја блиски средби со своите соработници што не завршуваше само со дисциплински мерки. Партиски испратени амбасадори беа често со посебна задача беше во колизија со Виенската конвенција за дипломатски односи (лукретивни работи). По неуспешно извршените задачи, беа деградирани и заборавени. Некои беа без причини наградувани со продолжување на мандатот во недоглед.

Повеќето амбасадори прифатија да пробаат како е тоа (зошто не пробаа да бидат хирурзи кога ризикот за државата е помал) и се вратија дома на своите стари места, без нови пријатели, а старите ги заборавија. Тоа што поднаучија нешто како амбасадори нема на кого да го пренесат тоа, бидејќи, во принцип, не продолжуваат во дипломатијата. А,ако продолжат, мора партијата да им е постојано на власт. Многу тешко. Инаку се изолираат со веќе усовршени методи.

Некои амбасадори беа во далечно сродство со грчкиот бог Бахус или Дионис, а евтиниот алкохол во дипломатските магазини го стимулираше хедонизмот. Многумина знаењето на српскиот, а сега дури и на хрватскиот јазик (да не зборувам за црногорскиот и босанскиот), го есапат како полиглотство. Како ли тие кутрите поминуваа на приемите на кои се зборува, главно, на два светски јазика. Стојат некаде в ќоше и разговараат по нашински со своите жени, кои четири години ги нарекуваме „амбасадорки“. За некои одењето за амбасадори беше последната шанса за пропуштениот бенефит во периодот на првобитната акумулација на капиталот, која кај нас бесконечно долго трае. Амбасадорскиот комплекс доведе и до првите партиски дисиденства и до реафирмација на изјавата на познатиот дипломат од Кралството Југославија, амбасадорот-писател-нобеловец, Иво Андриќ, кој на еден свој пријател своевремено му се пожалил „дека овде (во зградата на МНР н.з.) и лампите се мразат“. Оваа констатација важи и денес кај нас во рамковната дипломатија.

Тешко е да се биде амбасадор на мала држава, а посебно на Македонија. Лесно е да си амбасадор на САД или на Франција или, пак, на Русија или на Кина. Амбасадорот е огледало на државата. Поради тоа треба да се почитуваат познатите стандарди. Партизирана дипломатија како нашата денешна, не е дипломатија. Амбасадите и генералните конзулати се задгранични филијали на владејачките партии. Тие ги штитат интересите на партиите, истакнатите поединци, а не на државата, а се плаќаат од парите на народот. Амбасадорите со додворувачките ��нформации ја валоризираат својата незаслужена позиција, со што и' нанесуваат штета на државата. Во процесот на интегрирање на Македонија во НАТО и во ЕУ најизразена беше амбасадорската еуфорија и тенденциозното информирање во процесот на креирање на нашата политика спрема Брисел во двата правца, односно во интерпретацијата на ставовите на НАТО и на ЕУ и каква би требало да биде нашата позиција, а сето тоа во контекст на глобалната ситуација во регионот. Последен случај се дополнителните услови што Владата сакаше да ги скрие, а ги обелодани ексвицепремиерот надлежен за евроинтеграции.

На нашите амбасадори (со мали исклучоци) им недостасува и дипломатски персоналитет. А, како и да го има, кога често тоа им е прво вработување. Амбасадор на 29 години не може да биде сериозен соговорник на ниту еден странски дипломат. И конечно, доаѓам до еден од критериумите, а тоа е дипломатска служба. Пак се враќам на нобеловецот Андриќ, по чиј терк и денес српските дипломати пишуваат телеграми. Пред да стане амбасадор во Берлин (1939) службуваше во амбасадите или конзулатите во Рим (Ватикан), Букурешт, Трст, Грац, Марсеј, Париз, Мадрид, Брисел и Женева. Така се прави кариера.

Нашите амбасадори најчесто се дипломатски приправници. Тие се неатрактивни како соговорници. Немаат свој личен став во најчеста ситуација кога немаат ниту став на сопствената држава. Нив никој не ги бара. Немаат дипломатски живот. Дипломатските приеми не ги користат за контакти, туку, евентуално, за нанесување нови мрсни дамки на изветвените врски. Со државни пари најмуваат дипломатска униформа, небаре, ќе им треба еднаш годишно. Тоа е исто како фотографот да изнајмува фотоапарат. Немаат директен пристап до најатрактивните позиции во Министерството за надворешни работи.

Тие се шопенхауеровски изолирани, не по своја желба, туку поради нивното незнаење. Тоа го прикриваат со полтронство. Не знаат да ги идентификуваат нестандардните објекти (институции и личности) за добивање информации. Дипломатскиот кор го третираат како хор во кој се пее на повеќе јазици и во кој тие препознаваат единствено зборови на пофалба за нашата Влада, што ни ги упатуваат расположените странски дипломати куртоазно и шармантно, со доза на цинизам. За повисоки институции нема ниту збор. Трајно се вакцинирани за разузнавачката работа, потпирајќи се само на кадарот од службите за безбедност (доколку ги има).

По атентатот на претседателот Киро Глигоров немаше никакви информации од амбасадите за евентуалните нивни видувања за можните мотиви. МНР не е институционално вклучено во работењето на нашите безбедносни структури, во мера и начин како што го прават тоа сите амбасади во светот. Претставниците на земјите-домаќини на нашите амбасадори знаат на каков начин (без заштита) ги испраќаме нашите информации во Македонија, па се крајно рестриктивни што ни кажуваат. Информациите на нашите амбасадори се најчесто од еден извор и се непроверени. Содржината им е иста како и на информациите на познатите сајтови. За државите каде што се нашите амбасадори, работата им ја завршуваат нивните дипломати во Скопје, благодарение на нашата традиционална леснотија на давање информации.

Титулата амбасадор е круна на дипломатска работа, а не почеток на работниот дипломатски стаж. Затоа што ова играње со дипломатија Македонија ја чини многу даночни пари. Затоа што зградите и резиденциите на амбасадорите не се места за партиски азиланти (што во сегашната интерпретација значи дувло на вмровски дипломатски комити со препознатливи брадичиња), туку на европски детерминирани дипломати по можност и со дипломатско педигре. Затоа што на Македонија, конечно, не и' е потребна толку разгранета дипломатска мрежа. Тој процес треба да запре, а со тоа и деградацијата на функцијата амбасадор.


#
Статијата е прочитана 4205 пати.

Испрати коментар

Од: Gjorgji
Датум: 16.04.2010 03:29:41
Pocituvan Gospodine Misajlovski, ste napisale interesna statija sto so mnogu vnimanie trebada ja procita sekoj sto pokazuva interes za razvojot i sostojbite na makedonskata diplomatija. Se slozauvam so vasite ocenki deka nasata diplomatija vsusnost i ne e diplomatija: politicki kadri, nemanje sistem na skoluvanje, krajno amatersko i ad hoc rabotenje. Sepak, moram da bidam i kriticen i da prasam kako ove ne go napisavte dodeka bevte aktiven diplomat? Kako ovie vasi zabeleski ne gi spodelivte 5, 10 ili 15 godini po proglasuvanjeti na makedo nskata nezavisnost? Sega e malku kasni za komentari za zal. Mozebi sega treba samo tivko da ja uzivate vasata vtora matura kako sto sami velite. So pocit, Gjorgji
Од: Bojana
Датум: 16.04.2010 08:35:13
секоја чест г-не мисајловски. сосема се согласувам со вас. и јас имав колега студент кој студираше 10 години и сега ке заминува или веќе замина како амбасадор во кина, а бесе заменик министер за култура. како може со завршен филолошки некој толку млад да оди амбасадор. ние навистина си играме амбасадори.
Од: Moris
Датум: 16.04.2010 08:45:14
Drag prijatele makedonskata diplomatija e unistena od strana na SDB na Makedonija koja gi tretira ambasadorite kako spioni na stranski drzavi. Sorabotkata na diplomatite od MNR so agencija za razuznavanje e nula ili svedena na licni kontakti. I bravo za kolumnata za profesijata koja e dezavuirana od strana na partiite i nitu profesionalen diplomat kako Kerim ne uspea da ja iospravi na nekakov prav pat.
Од: SMK
Датум: 16.04.2010 13:17:33
Reshenie mozhe da bide samo preku Megunarodniot sud kako shto predlaga Igor Janev. Greshkata e napravena vo OON 1993. g.
Од: Dimce
Датум: 16.04.2010 15:20:23
Potpolno ste vo pravo so vasata analiza, sostojbata e takva da ja zabelezuvaat i nestrucni lica vo taa oblast .A imavme vrven diplomatski kadar skolovan vo Avnojska Jugoslavia i priznat niz celiot svet. Od druga strana pak, ako poglednis nanazad i poveketo od nasite premieri i predsedateli bea neiskisni i nedorasnati za pozicijata koja ja imaa. a za nasite parlamentarci ne treba voopsto ni da se zboruva, kako najogorcenite neprijateli da ni gi izbiraa.

Најди! во Утрински
Насловна
Зденко
Годините и политиката
Битка за Маневски во Собранието
Лисици за 40 лекари поради мито
Не фрлајте јајца по Владата, ќе ве чини скапо!
Груевски чека да слета во Атина
Битката за ССМ уште Ќе трае
Немам друг чадор освен Македонија
100 години напредок
Хрватски предизвик
Кој манипулира со судиите од скопска Апелација?
ДУИ во улога на опозиција на власта
Инаетот на Владата
Жените од Кремљ - од туршии до музеи
Британците сакаат промена, a се плашат од неа
Странците бараат цела кошула наместо лон
Голем тест за старата машинерија на Ватикан