Не фрлајте јајца по Владата, ќе ве чини скапо!
Законот за јавна чистота им ги врза рацете на оние што сакаат да протестираат пред Владата
Снежана Калабакова
Комуналните градски инспектори не сакаат да го коментираат Законот за јавна чистота и да кажат со која одредба се забранува и се казнува фрлањето со јајца или со домати по зградата на Владата. Зошто е молкот од оние чија обврска е да го применуваат Законот, останува нејасно.
Законот за јавна чистота јасно не го дефинира фрлањето јајца или други прехранбени производи кон куќата на Владата. Но, дециден е дека казната е 50 евра за физичкото лице што фрла догорче, гума за џвакање, гранки или предмети од домаќинство таму каде што не им е место, поточно, не ги одложува на места определени за тоа.
И Владата не е место каде што треба да се фрлаат јајца, иако имаше такви случаи. Најсвеж е примерот со стечајците од Прилеп, Куманово и од Велес, кои неодамна дојдоа во Скопје „опремени“ со јајца, со идеја да фрлаат по зградата на Владата. Се откажаа од намерата откако полицајците ги предупредија дека доколку се решат на таков чекор, ризикуваат да бидат казнети по 200 евра на самото место. Законот за јавна чистота им ги врза рацете, па својот револт можеа да го искажат само со гласно викање.
„Град Скопје спроведува закони, а не ги толкува. Сите ставки за конкретниот проблем се предвидени во Законот за јавна чистота и во казнените одредби“, е одговорот од Одделението за односи со јавноста во Градот Скопје на прашањето зошто е казната 200 евра.
Во Законот нема конкретна одредба во која е содржано токму фрлањето јајца или домати по владини институции. Но, во член 19 децидно стои дека на отворените простори на јавните објекти, освен на местата определени за фрлање смет, се забранува фрлање и оставање предмети од домаќинства, лисја, гранки, корења... Во член 20, пак, се вели дека организаторите на јавни манифестации, културни, спортски и други собири се должни да го соберат сметот што останал по одржувањето на собирот. Единствено овие два члена можат да се поврзат со фрлањето прехранбени производи кон Владата. А, казната за лицето што ќе ги прекрши овие одредби е 50 евра. Тоа воопшто не е мала глоба, но, сепак, далеку е од 200, со колку што беа исплашени протестантите.
Како и да е, оние што во иднина ќе излезат на протест и во лутина ќе се решат да фрлат со што било кон Владата, мора да бидат подготвени парично да платат за својот бес. |