Странците бараат цела кошула наместо лон
Текстилците се пред испит, бидејќи партнерите веќе инсистираат на цел пакет услуги, а не само на лон-изработка
Александрија Стевковска
Кризата им ги скрати крилјата на текстилците. Нарачките се неизвесни, се прават месец за месец, место годишно, странските партнери ги соборуваат цените на лонот, а се' повеќе почнуваат да бараат и цел пакет услуги, а не само шиење на моделите. Сите овие случувања ја ставаат текстилната индустрија пред сериозен испит, што ќе биде положен преку нејзиното преструктиурање и создавање сопствени брендови или, пак, најголем дел од погоните ќе бидат принудени да стават клуч на врата.
„Се' повеќе странски партнери имаат побарување за цел пакет услуги, а не само лон-изработка. Ова е од причина што нив ги оптоваруваат трошоците за набавка на материјали, организација на транспортот и се' она што треба да се направи за моделите да дојдат до изработка. Но, ова ќе биде тешко за нашите текстилци, бидејќи за тоа да се организира и да се реализира потребно е фирмите сами да го поднесат товарот на првиот циклус на испорака на готовите производи. За тоа се потребни кредити до кои нашите фирми тешко доаѓаат“, вели извршната директорка на Текстилната асоцијација, Наташа Сивовска.
Според неа, освен што се јавува тренд на менување на видот нарачки, се менува и рокот на траење на договорите, што текстилците ги држи на постојан штрек дали и колкав период од годината ќе имаат работа.
„Порано се склучуваа годишни договори, сега тие се прават месец за месец, што фирмите ги држи во неизвесност колкав период од годината ќе имаат работа. Во моментов нема позначителни намалувања на налозите, иако овој период вообичаено е вакуум поради промената на сезоните. Раздвижувањето на овој сектор и зголемувањето на нарачките се очекува во втората половина на април и на почетокот на мај“, прогнозира Сивовска.
Производителите на текстилни производи во земјава, пак, не се толку оптимисти. „Текстилната индустрија е во слична состојба како минатата година кога беше зафатена од кризата. Нарачки има, но не доволно, а при склучувањето договори продолжува притисокот за натамошно намалување на цените на нарачките. Ние и со сегашните цени сме на нула, а доколку ги намалиме ќе почнеме да работиме нерентабилно, бидејќи од друга страна растат влезните производствени трошоци“, вели Владо Нетков, сопственик на конфекцијата „Модена“ од Штип.
Минатата година беше најтешка за текстилната индустрија, која поради кризата забележа пад на обемот на производството и на бројот на вработени. Паѓаа и цените и побарувачката на извозното производство, што дополнително ја влошија ликвидноста на текстилниот сектор.
„И натаму е актуелен проблемот со намалените нарачки. Тој што има обезбедено работа има мал прилив на пари поради намалените цени на нарачките, а оние што останаа без работа не се вратија на работа, бидејќи за нив нема побарувачка“, објаснува Ангелко Ангелевски од Сојузот на синди��ати.
Лани во оваа гранка е забележан пад на производството од 20 отсто. Повеќе од 14.000 работници останаа без работа, а фирмите што очекуваа работа од домашните партнери мораа да го прекинат производството и да размислуваат за нова дејност. Оние, пак, што продолжија со работа го прават тоа со намален капацитет и помал број вработени. |