Едиторијал
Битката за ССМ уште ќе трае
Маја Томиќ
Во држава во која најголемиот дел од населението живее со плата од 200 евра, социјалните семејства бројат околу 50.000, невработените се околу 350.000, платите се исплатуваат се' понередовно, со години нема социјален дијалог, не е утврдена минимална плата, не се потпишани куп колективни договори, а постојано се менува Законот за работните односи и се' повеќе се кусат работничките права, во Сојузот на синдикатите на Македонија се води борба за претседателското место. За Ванчо Муратовски таа тукушто почнува. За Живко Митревски, пак, кој трипати досега претендира безуспешно за претседателската функција, работата е завршена. Преку ред, без конгрес и надвор од статутарната и од законската постапка, тој од вчера е новиот претседател на ССМ.
По девет години од раководењето на Муратовски и четири години од вториот мандат група од 11 синдикати најдоа грешки во неговиот избор во март 2006 година, како и во неговото работење. Зачудува што во изминатите четири години на одржаните 48 седници на претседателството и на 20 седници на советот на ССМ никој не го доведе во прашање легитимитетот на неговиот избор.
Дури сега се откриени документите од Министерството за труд и социјала што покажувале дека тој е нелегитимно избран за претседател. Јавноста не ги виде за да процени дали е така или не е. Како и да е, главниот претендент за претседателската функција, Живко Митревски, сега веќе седнат во фотелјата, заедно со претседателите на 11 синдикати и со членовите на советот минатиот вторник ја донесоа одлуката за смена на Муратовски, на седница на советот и зад затворени врати за новинарите. Потоа рекоа дека мнозинството ја донело одлуката за смена. А, експресно, по само два дена, пак, им успеа и во Министерството за труд и во Централниот регистар да ја озаконат одлуката, без печат од ССМ.
Нормално е синдикалците да не бидат задоволни од работењето на Муратовски. И сосема е в ред поради тоа да бараат негова смена, ако сметаат дека тој повеќе не треба да стои на чело на оваа институција, а некој друг би имал подобри резултати. Нема тука ништо чудно, ниту Муратовски ниту кој било е совршен и незаменлив.
И доколку беше се' како што треба со процедурата немаше никој да се возбудува. Но, постапките со кои тој е сменет целосно ги заобиколуваат регулативата и Статутот на ССМ. Редот е сосема поинаков. На барање на синдикалното членство може да се поведе иницијатива од мнозинството грански синдикати, потоа таа се доставува до статутарната комисија, се свикува седница на претседателството, потоа и на советот и на крај се закажува вонреден конгрес на кој се донесува крајната одлука што потоа се носи на верификација во МТСП и во Централниот регистар, и новиот претседател е роден. Може и меѓу два редовни конгреса да се избере в.д. претседател ако тој сам се откаже од функцијата поради разни причини. Ништо од оваа процедура во случајот „Муратовски – Митревски“ не беше испочитувано. Од се' најмногу чуди што државните институции ја прифатија одлуката како дефинитивна.
И додека за Митревски се' е кристално јасно и неговиот избор е легитимен и на барање на работништвото, како што вели тој (и како што треба да биде), Муратовски посочува дека неговата смена е по инструкција на власта и е јасен обид таа да го постави овој партиски човек во ССМ.
Муратовски вчера му го ослободи кабинетот на Митревски, но со порака и во стилот на Шварценегер: јас ќе се вратам. Тој беше дециден дека на Митревски кусо време ќе му трае в.д. мандатот, затоа што судовите ќе го имаат крајниот збор околу неговата смена. ССМ ја почна правната процедура за оспорување на изборот на Митревски, а Муратовски се надева на нејзин брз исход. Битката за главната позиција во ССМ уште ќе трае. |