Мислења
Инаетот на Владата
Слободан Најдовски
Со аргументите со кои Владата ги воведуваше економските директори во здравствените институции, сега ги укинува, а последиците ги трпи народот
Изминатите десетина дена три настани посебно го привлекоа вниманието: Законот за антидискриминација, намалувањето на партиципацијата на студентите и состојбите во здравството, т.е укинувањето на економските директори во здравствените институции. Заедничко што ги поврзува е што во основа го имаат инаетот и непочитувањето на мислење на друг, од Владата. Неколкумесечната расправа за сексуалната ориентираност како основ за дискриминација преминуваше од возбуда во задоволство. На една страна е власта, видно возбудена и вознемирена што јавноста од релевантни места во ЕУ дозна дека Брисел упатил неколку писма на различни адреси во кои укажале дека македонскиот антидискриминирачки закон не е во склад со европското законодавство. Наспроти нив, опозицијата очевидно расположена и задовол(е)на ликуваше дека се потврдија нивните кажувања дека има забелешки од Брисел и тие треба да се вградат во законот. Во моментот кога возбудата ги надмина дозволените граници, мораше да се најде виновникот за фалинките на законот. Како по обичај, тоа се пратениците, во случајов координаторот на пратеничката група на владеачката партија, Силвана Бонева. Тоа не е првпат и не е случај само со оваа влада.Тоа е практика која ја почувствувале сите координатори и пратеници. Секоја влада досега, кога ќе ја закашка работата и нема јасен став или нема коалициона усогласеност за одредено прашање, проблемот го префрла на пратениците. И во овој случај пратениците од парламентарното мнозинство се најдоа меѓу стегите на цврстиот став на партиската идеологија, како конзервативна партија, и барањето на ЕУ. Затоа беа невешти и во објаснувањата на нивниот став од парламентарната говорница. Затоа ја убедуваа македонската јавност дека иако експлицитно не е напишано во текстот, сепак, донесениот закон не ја исклучува заштитата на сексуалната ориентација како причина за дискриминација. Неколку пратеници тоа го изјавија и на говорницата, почнувајќи од „зелената“ Лилјана Поповска, па до пратениците од владејачката партија. Ако мислат така како што изјавуваат, зошто тогаш не ги почитуваат укажувањата на опозицијата и на претставниците на ЕУ. Дали е тоа од инает или мора строго да се почитува ставот на партијата и не е важно што мислат другите. Но, како и досега, Владата не дозволува пратениците да мислат. Намалувањето на партиципацијата што студентите ја плаќаат на факултетите и укинувањето на т.н. економски менаџери (директори) во институциите од здравството, уште еднаш потврдија дека Владата се соочува со крупен недостиг на финансиски средства во државната каса и фондовите. Во изминатите четири години се градеше имиџ на влада која може да ги задоволи сите финансиски барања на одредени групи. Истакнуваа дека со домаќинско и стручно менаџирање, има државните пари за секого. Така, на почетокот на мандатот на оваа влада, студентите во завршната година добиваа ваучери за набавка на компјутер. Имиџот на добродетелна влада го истакнуваа и таму каде што им беше законска обврска и тоа го прикажуваа како чин на добра волја на Владата. Усогласувањето на пензиите на секои шест месеци го преточија во закон со кој со одлука на владата, божем, ги наградуваат пензионерите. И усогласувањето на платите на оние чија основица е исплатената просечна плата во изминатата година, две години по ред го прикажуваа како зголемување на платите. Таквата политика на оваа влада во првите две години од мандатот беше можна, бидејќи наследија добро избалансиран буџет и финансиски стабилни фондови. Во прилог им одеше и поволната конјунктура во надворешната трговска размена, која се карактеризираше со високи цени на металите и на земјоделските производи. Секојдневно јавноста беше информирана за некоја поволност на одредена група. Многу брзо се увиде дека таквиот пристап на владата во првите две години бил насочен кон предвремени парламентарни избори. Но, секогаш цената што треба да се плати се испорачува, но прашањето е само кога ќе пристигне. Кај нас сега веќе се чувствуваат последиците на погрешната владина политика. Соочена со празна државна благајна, бара начин како да ги задржи целните групи и да не го наруши имиџот на влада која се грижи и има доволно за сите. Излезот го бара со префрлање на финансискиот товар кај други субјекти кои допрва ќе се соочат со проблемите. Така, не можејќи повеќе финансиски да ја издржи акцијата ваучер за компјутер за секој апсолвент, сега на студентите им се додворува со одлука за намалување на партиципацијата за студирање и префрлување на товарот на факултетите. Според кажувањата на ректорите на универзитетите во Битола, Штип и Тетово, одлуката на владата не значела ништо посебно, бидејќи и досега кај нив студентската партиципација не била поголема од четиристотини евра. Но, ректорот на првиот и најголем државен универзитет и деканите на поголемиот број факултети и други експерти од високото образование упорно повторуваат дека таквиот потег ќе ги доведе во незавидна финансиска ситуација голем број на факултети.Тоа особено се однесува на оние факултети кои во наставата имаат потреба од прирачни средства и користење на кабинетска настава со скапа опрема. Но, за Владата, а посебно за министерот за образование, нивното мислење не е релевантно. А за тоа дека ќе се одрази на квалитетот на наставата, воопшто не му е гајле. И во овој случај повторно дали од инает или од заробеност во сопствената политика, Владата не го почитува мислењето на најповиканите, а тоа е професорскиот кадар на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Доколку навистина им мисли добро на студентите, покрај можноста за студирање, неопходно е да се обезбеди и квалитетна настава. Затоа Владата ќе мора од некаде да ги надополни потребните средства за одредени факултети. Освен кај студентите, имиџот на дарежливост Владата го губи и во здравствениот сектор. Наместо декларираното бесплатно здравство за сите, состојбите се доведени до степен дека до лекови не може да се дојде и со плаќање партиципација. Единствен начин граѓаните да се снабдат со поскапи лекови е плаќање на целата продажна цена, попознато како купување на приватно. Како резултат на политиката на Владата и новиот начин на одредувањето на квотите и плаќање на услугите, аптеките повеќе немаат економски интерес да издаваат поскапи лекови на рецепт. Незнаејќи во Владата да најдат излез од негативната финансиска состојба во здравството, како нов реформски чекор го најавија укинувањето на вторите, таканаречени економски директори. Сами ги измислија, сами ги укинаа. На тој начин ќе се заштеделе значителни финансиски средства. Забораваат ли дека истото образложение беше изнесено и при поставувањето на тие директори. Владините претставници само пред две години не убедуваа дека преку врзаните потписи ќе се овозможи меѓусебна контрола и заштеда при набавките во здравствените институции. Но, колку повеќе меѓусебно се контролираа, толку повеќе растеше задолженоста во здравството и се намалуваше квалитетот на услугите. Наместо вистински реформи во здравството, Владата повторно прави шминка. Кога пред некоја година експертите предупредуваа за последиците од несоодветната реорганизација на клиниките и дополнителното финансиско оптоварување со нови непотребни кадри, Владата ги игнорираше или повторно тераше инает. Ова се само мал дел од примерите кои го покажуваат инаетот на владините претставници. Позитивно е кога луѓето ги спротивставуваат своите ставови и тоа доведува до посакуван резултат, но при тоа е потребно да се има заемно почитување и прифаќање на аргументите на другиот. Нашата Влада, пак, инсистира само на нејзините аргументи и тоа веќе не е ништо друго освен инает. Инаетот е штетен како за оние кои го водат така и за тие кои зависат од успехот на нивната работа. Од инаетот на владата последиците ќе ги трпи народот. (Авторот е поранешен пратеник) |