ДАНЧЕ ЕФТИМОВА-ЕВРИДИКА
Со сигурен чекор на естрадата
Со победата на фестивалот „Еврофест“, каде што ја освои првата награда од публиката со композицијата „Кралица“, како и наградата за најдобар дебитант во 2006 година на истиот фестивал со песната „Затворени очи - затворен свет“, но и настапот и втората награда од публиката на „Канео фест“ во 2006 со композицијата „Духовен гест“, малата Данче Ефтимова-Евридика полека но сигурно зачекорува во естрадните води. Само со 16 години, Данче вели дека се чувствува како дел од македонската музичка јавност бидејќи, покрај фестивалските, зад себе има и бројни други настапи, преку кои успеала да се стекне со богато естрадно искуство.
Со музиката започнала да се дружи уште од раното детство и вели дека за неа таа претставува најголема љубов.
„Најпрво почнав да свирам гитара, а кога се запишав во гимназија, почнав да пеам во училишниот хор и со професорот Гоце Данилов почнав интензивна соработка“, истакнува Данче.
За наградите вели дека и' значат, но смета дека со интензивна работа може да се постигнат солидни резултати. Во годината што доаѓа има план да издаде свое цеде и, секако, да се појави на уште некој фестивал. |