Стил
Менаџерки подготвени за календар
Некои руски компании веќе неколку години докажуваат оригиналност објавувајќи календари со фотографии на своите разголени соработнички
Бранко Влаховиќ наш постојан дописник
Москва - Ниту економската криза не можеше да запре извесен број руски компании, кои по секоја цена сакаат да бидат оригинални. Продолжувајќи ја советската традиција, со години во Русија, но и во другите бивши советски републики, а сега самостојни држави, се организираат корпоративни или, како што се нарекуваа некогаш, колективни предновогодишни прослави, во кои помладите и похрабрите се облекуваат во костими на Дедо Мраз, за што подоцна се зборува со денови. Некои руски компании ја покажуваат својата оригиналност, така што на новогодишните календари објавуваат фотографии на своите голи соработници и соработнички.
Вистински шок предизвикала една девојка, по професија економистка од одделот за опслужување на ВИП-клиенти на една голема московска банка, која не се стеснувала да се слика со спуштени гаќички. Замислете што помислиле оние што навикнале на календарите обично да гледаат слики од пејзажи или споменици на културата.
Отвореноста на Русија кон Запад ги смени критериумите и навиките. Во Москва, луѓето задолжени за реклами ги наговараат девојките од своите компании да го покажат своето тело и да докажат дека и тие се фотогенични исто како и професионалните манекенки, но за клиентите таквите календари се уште поинтересни. Ако се за верување московските новинари, сопругата на директорот, која била професионален фотограф, ја сликала менаџерката на една банка со спуштени гаќички. Во рекламната служба на таа банка тврдат дека календарот им се допаднал на нивните клиенти.
Календарите со „лесна“ еротика се појавија во Русија во последниве пет-шест години. Оние што имале Интернет можеле да им се изнагледаат на тие слики. Бидејќи разголените фотографии повеќе не се реткост, на нив не се обрнува големо внимание. Дури кога оние похрабрите се решиле на своите клиенти да им подарат календари на кои навистина се нивните соработници, тоа предизвикало големо внимание.
Една руска фармацевтска компанија решила да ги сними своите соработнички во канцеларија. За да ги охрабри своите колешки, прв без облека се сликал директорот за реклама, Никита, кој држи гитара во рацете. Сите останати фотографии се со убави жени. Никита ги наговарал соработничките да се сликаат за календар, објаснувајќи дека тоа ќе им помогне во работата.
„Многу луѓе разговараат само по телефон и го знаат гласот на личноста со која почесто комуницираат, но никогаш не се виделе. Сега, кога ќе го добијат календарот, ќе можат да го видат и лицето на личноста со која често зборуваат на телефон“, објаснува Никита.
Девојките кои се согласиле да се сликаат за календар, добиле само симболична парична награда од 5.000 рубли, што во време на подготовката на календарот изнесувало 200 долари. Сега, поради падот на рубљата, тоа е значително помалку.
Наталија, комерцијална директорка, чии слики красат два месеца (март и јуни) вели дека своите фотографии ги закачила во станот, зашто се убави и ни малку не се вулгарни.
Светлана, менаџерка во одделот за продажба, тврди дека пред снимањето една недела била на диета и одела неколку пати на солариум во салон за убавина. Кога календарите ги виделе оние девојки кои одбиле да се сликаат, сите зажалиле и рекле дека идната година сигурно ќе позираат. Имало различни коментари, но главно сите биле добронамерни.
Јасно е дека Русите не ги измислиле таквите календари, но таквите фотографии покажуваат дека московјанките немаат комплекси и дека брзо „учат“ од оние на Запад. Разни компании во Европа се обиделе во претходните години да ја покажат својата оригиналност, па еден синџир самопослуги ги снимил своите продавачки на „балзаковска возраст“, значи оние што минале 40, но се' уште добро изгледаат. Ефектот бил одличен, што предизвикало големо внимание за таквиот календар.
Освен оние што ги поддржувале храбрите менаџерки, кои не се срамеле да се сликаат разголени во своите канцеларии, имало и такви кои ги критикувале и напаѓале директорите на одделите за реклами. На критичарите на таквите календари сето тоа им изгледа како реклама за секси услуги. Тие сметаат дека банкарскиот бизнис треба да дише со сериозност, а тоа се однесува и на фармацевтските компании или на оние што се занимаваат со осигурување. Критичарите мислат дека таквите календари и реклами со разголени девојки може да постојат само во продажбата на автомобили и парфимерии. Додека поддржувачите и критичарите полемизираат, календарите со голите менаџерки многу брзо се потрошиле, зашто имало многу од оние кои сакале токму нив да ги стават на ѕидовите на своите канцеларии.
Сликањето за календар навистина не е грев, особено ако соработничката е навистина самоуверена во својата убавина и има што да покаже. Многу поголем проблем е што на тие компаниски забави, под влијание на алкохолот, се случува да се охрабрат соработниците и соработничките кои веќе подолго време имаат симпатии едни кон други... Руските социолози кои се занимаваат со разводи на бракови тврдат дека по новогодишните празници многумина се решаваат да склучат брак. Значи, не е проблемот само со слободните девојки и момчиња, кои се зближуваат на корпоративни забави. Со текот на годините се случува по тие „инстант-љубови“ дури и оженетите да не се задржат само на кусиот флерт, туку решаваат да се разведат од старите брачни другари.
|